Admir Fazlagic
20 Октомври 2017•Ажурирај: 21 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР) соопшти дека четворица вработени од ова министерство се суспендирани од работа откако е утврдено дека тие присуствувале за време на настаните во Собранието на Република Македонија на 27. април оваа година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во соопштението, МНР на 7 јуни годинава, со допис побарало информации од Министерството за внатрешни работи (МВР) за можна иволвираност во настанот на вработени во МНР.
„Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, информираше дека по извршени проверки е утврдено дека за време на настанот во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година е утврдeно присуството на четири лица - вработени во Министерството за надворешни работи", се вели во соопштението на МНР.
За истиот настан истовремено е поднесено известување до Основното Јавно Обвинителство – Скопје.
МНР цени дека со нивните дејствија односно нивното неовластено влегување и присуство во Собранието на Република Македонија за време на настанот, постапувале спротивно на Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и го нарушиле угледот на професијата дипломат и воедно угледот на Министерството и државата.
„Таквото однесување, согласно позитивната регулатива, претставува дисциплински престап согласно член 73 став 1 алинеа 22 од Законот за административни службеници, член 74 став 2 алинеја 3 и 5 од Законот за надворешни работи како и член 21 став 1 и 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи во и за министерството за надворешни работи“, објаснуваат од МНР во соопштението.
Од таму истакнуваат дека лицата вработени во МНР, за кои е утврдено дека присуствувале во Собранието на 27 април се суспендирани од работа.
„Веднаш по добивањето на известувањето од МВР, против наведените е покрената дисциплинска постапка за дисциплински престап и до завршувањето на постапката согласно член 77 од Законот за надворешни работи тие се суспендирани од работа", информираат од МНР.
Потсетуваме, вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата.
Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.