Husameddin Gina
19 Октомври 2018•Ажурирај: 20 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – „Со членство во НАТО, новите офицери и питомци ќе имаат шанса да работат, да напредуваат и да се образуваат како дел од најмоќната воено-политичка Алијанса во светот“, истакна министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, при обраќањето на свеченоста по повод промоцијата и заклетвата на питомците од Воената академија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, денес новите питомци од 22. класа на Воената академија положија заклетва, а нивните постари колеги кои веќе го завршија овој процес со свеченост и во присуство на своите најблиски беа промовирани во потпоручници.
Од 33 питомци колку што дадоа свечена заклетва, 25 се од Македонија, 4 од Босна и Херцеговина, тројца од Црна Гора и 1 питомец е од Косово.
„Влегувате во институција која со право ужива највисока доверба помеѓу граѓаните на Република Македонија“, нагласи Радмила Шекеринска.
„Во име на нови почетоци, мора да кажам дека членството во НАТО ќе значи шанса за Македонија да гради безбедна, сигурна и економски просперитетна иднина. Но, членството во Алијансата за овие нови офицери и питомци ќе значи шанса да работат, да напредуваат и да се образуваат, како дел од најмоќната воено-политичка Алијанса во светот“, истакна Шекеринска.
Шекеринска како министерка за одбрана, исто така, го изрази своето задоволство поради тоа што меѓу новите офицери, 7 се припадници на женскиот пол.
„Од денеска Армијата на Република Македонија е побогата за 26 потпоручници, кои заминуваат од Воената академија и одат на места каде што на дела ќе ги покажат знаењата и вештините што ги стекнале токму тука. Сакам да го изразам и моето задоволство како министерка за одбрана затоа што меѓу новите произведени офицери 7 се девојки, драго ми е и што 10 од новите питомци се, исто така, припадници на женскиот пол“, рече Шекеринска.
На свеченоста, на најдоброрангираните потпоручници им беше доделена плакета за постигнатиот успех за време на студирањето.
Прворангираниот потпоручник Бојан Миклош, обраќајќи се на свеченоста, потсети дека пред само 4 години како питомци од прва година стоеле на истата писта. Тој во својот говор ги охрабри и новите питомци.
„Ги охрабрувам да бидат горди на очигледната и суштинска разлика од своите цивилни колеги, и да се стремат секој ден да научат што повеќе во академските клупи“, рече Бојан Миклош, новиот потпоручник.
На свеченоста учествуваше началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, голем број гости и семејствата на питомците.