Senada İbraimova
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Домот на АРМ, во организација на Евро-атлантскиот совет на Македонија, а во соработка со македонското Министерство за одбрана, НАТО контакт-амбасадите во Македонија и канцеларијата на НАТО на која редовно се брифира јавноста за напредокот на РМ во интегративните процеси за НАТО, беше одбележан Денот на НАТО – 4. април, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Евро-атлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, во своето обраќање истакна дека приклучувањето во НАТО е единствениот пат за стабилизација и просперитет на Македонија и на регионот Западен Балкан. Тој додаде дека Македонија спроведува значајни реформи во делот на одбраната и во други сектори.
Во однос на политичката криза во државата, тој рече дека сите чинители треба да го почитуваат и да го исполнат Договорот од Пржино, а според него, сите заедно, без разлика на на кои партии и етникуми им припаѓаат, и сите вработени во државните институции треба да придонесат за афирмација на евро-атлантските вредности.
„Морам да ви кажам дека нашата интенција, нашите цели, се само во едно, ако ние стремиме кон евро-атлантските интеграции, тогаш имаме само една заедничка платформа, тоа е бриселската платформа – членството во НАТО и членство во Европската Унија“, порача Рамадани.
Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, пак, во своето обраќање истакна дека за Македонија, интеграцијата во НАТО сојузот претставува приоритет. Според него, евро-атлантската заедница се соочува со нов тип на закани и предизвици. Како што вели, тоа се тероризмот, хибридната војна, кибер-нападите, илегалната миграција и климатските промени. Тој смета дека сите овие закани бараат институциите на државите-членки и партнери на НАТО да усвојат стратешка рамка за справување со нив.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли, пак, порача дека преку спроведувањето на Договорот од Пржино и со создавањето услови за кредибилни избори, како и со давање отчетност и владеење на правото во државата, Македонија ќе покаже компетентност за членство во НАТО. Тој смета дека државата треба да ги искористи можностите и да го надмине спорот со името со соседна Грција, доколку сака да докаже дека е соодветен кандидат за членство во НАТО.
„Секако, на крајот ова зависи од политичките лидери, а и од граѓаните на Македонија, да го протуркаат ова напред. Но, тоа е од клучно значење за интеграцијата на Македонија во НАТО, и како што вчера рече претседателот на Европскиот совет – интеграцијата во Европската Унија“, нагласи Бејли.
Денот на НАТО е настан што традиционално се одбележува во сите држави-членки на Сојузот, како и во државите-партнери. На овој ден, во 1949 година, 12 држави во Вашингтон (САД) го потпишале Договорот со кој се конституирала Северноатлантската алијанса.