Ahmed Satti
31 Октомври 2025•Ажурирано: 01 Ноември 2025
Во мароканскиот град Казабланка на 3 и 4 ноември ќе се одржи петтиот Африкански финансиски самит (AFIS 2025), соопштија организаторите, јавува Анадолу.
На самитот ќе учествуваат повеќе од 1.250 лидери од финансискиот сектор и претставници на јавни институции, со цел дефинирање на патот кон финансиски суверенитет на африканскиот континент.
На AFIS 2025 ќе се дискутира за трансформациите што се потребни за ослободување на финансискиот потенцијал на Африка. Самитот ќе ги собере водечките актери од јавниот и приватниот сектор на разговори за намалување на зависноста од странски капитал и преминување кон внатрешна, одржлива финансиска независност, со поддршка на инклузивниот развој и панафриканските цели.
Претседателот на Африканскиот финансиски самит, Амир Бен Јахмед, изјави дека годинашното издание во Казабланка „ја одразува итноста од модернизација на финансиските инструменти и насочување на приватниот капитал во стратегиски проекти“.
Јахмед нагласи дека финансискиот суверенитет мора да стане „камен-темелник на растот и инклузијата“ на африканскиот континент.
Потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за африканскиот регион, Етиопис Тафара, изјави дека самитот ќе ги собере лидерите на финансиската индустрија на Африка, со цел да се развијат иновативни методи за вложување приватен капитал во работни места, отпорност и инклузивен економски раст.
„На нашите клиенти и партнери им порачуваме дека ова е вистинско место за запознавање со финансиските производи што ќе ги претворат нивните деловни стратегии во конкретни дела“, рече Тафара.