Gökhan Ergöçün
03 Април 2021•Ажурирај: 05 Април 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција е клучен мост во регионот бидејќи ги поврзува Европа, Африка и Блискиот Исток, изјави официјалната претставничка на кинескиот производител на паметни телефони „Шјаоми“ (Xiaomi), осврнувајќи се на својата нова фабрика во Истанбул.
„Турција е клучна земја за нашиот план за глобално проширување. Тоа е секогаш високо приоритетен пазар за Шјаоми во глобалната стратегија“, изјави за Агенција Анадолија (АА) Синди Чанг, маркетинг-менаџер на компанијата за Блискиот Исток.
Осврнувајќи се на новата фабрика на компанијата во Истанбул, трговскиот и деловен центар на Турција, таа рече дека во првата фаза имаат за цел задоволување на домашната побарувачка, а подоцна можен е извоз на некои од нивните производи.
Оваа недела „Шјаоми“, со својот партнер „Салкомп“, отворија фабрика во Истанбул вредна 30 милиони долари.
„Салкомп“ е голема финска компанија, добавувач, особено на пазарот на мобилни телефони.
Фабриката со површина од 14.000 квадратни метри, со 2.000 вработени, има капацитет за производство на 5 милиони паметни телефони годишно.
- Обука за високотехнолошко производство -
Чанг истакна дека фабриката ќе ги произведува „Redmi“ паметните телефони на „Шјаоми“, нивната најпопуларна линија, а потоа ќе ја диверзифицира својата палета на производи.
Таа исто така нагласи дека фабриката ќе вработува работници од различен калибар, создавајќи нови можности за вработувања во Турција.
„Првиот приоритет е обука на работната сила за работите што се клучни за технологијата на мобилните телефони“, додаде Чанг.
Таа, исто така, ја пофали работната сила во Турција, велејќи дека е многу отворена кон новите технологии и подготвена да прифати различни трендови.
„Турскиот народ е многу енергичен и отворен за испробување нови работи“, рече таа.
- Турција, технолошки центар -
„Шјаоми“ има во план оваа година да отвори над 100 објекти за малопродажба во Турција.
Турција станува сè поголем центар на високотехнолошки компании. Неодамна „Опо“ (Oppo), уште еден кинески гигант за мобилни телефони, отвори фабрика во земјата.
Кинеската технолошка компанија „Хуавеи“ исто така има голем центар за истражување и развој во Турција.