Edıta Zekjırovıc
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за финансии на Република Северна Македонија, Фатмир Бесими, и министерот за иновации и раст на Република Бугарија, Даниел Лорер, одржаа прес-конференција и информираа за темите на првиот состанок на новоформираната работна група со Бугарија за економија, трговија и иновации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за финансии на 31 јануари и 1 февруари е домаќин на владина делегација од Република Бугарија предводена од министерот Даниел Лорер, кој заедно со министерот Фатмир Бесими копретседаваа со првиот состанок на работната група за економија, трговија и иновации.
Министерот Бесими истакна дека на првиот состанок на работната група за економија, трговија и иновации имале можност да разговараат за важни теми, ја утврдиле агендата за работа и покажале дека заложбите од двете страни остануваат цврсти во однос на зајакнување на соработката.
„Конкретно на состанокот беа присутни и теми презентирани во областа на соработката во делот на иновации, инвестиции, поддршка на претприемништво, технолошки развој, исто така и делот на хармонизација на економската регулатива, усогласување и зајакнување на соработката во тој дел. Потоа програмите за земјоделието, но исто така исклучително важно и развојот на нови иновациски инструменти за финансирање како од областа на јавните финансии, така и во областа за поддршка на иновациите, истражувањата и развојот“, рече Бесими.
На состанокот, од Министерството за финансии беше презентиран Планот за забрзан економски раст, а во текот на денот ќе се сретнат претставниците од Стопанските комори на двете земји, на кој ќе се дискутира за конкретни проекти во делот на зајакнување на соработката.
Министерот за иновации и раст на Република Бугарија, Даниел Лорер, рече дека механизмот што го покажале денес е исклучително важен бидејќи ја обезбедува добрата работа на секој инвеститор од двете страни на границите.
„Механизмот за видливост на инвестициите, за транспарентност на инвестициите, каде што секој бугарски инвеститор во Северна Македонија како и секој македонски инвеститор во Република Бугарија ќе има можност при најмала дискриминација и нерамноправност од страна на месните или централните власти да даде сигнал кој ќе биде проследен до највисоко политичко ниво“, додаде министерот Лорер.
Тој додаде дека и двете страни имаат еднакви економски цели, и затоа треба да си помогнат една на друга за целите да бидат постигнати, а механизмот ќе ги отстрани пречките и ќе помогне тоа да се случи побрзо.
Меѓувладината работна група беше формирана минатата недела во Софија, за време на одржувањето на меѓувладината седница, каде беа утврдени приоритетите за работа и динамиката на одржување на состаноците, согласно која ќе се состанува еднаш месечно.
Нејзините активности ќе бидат насочени кон зајакнување и интензивирање на економската соработка во сферите на трговијата, инвестициите, иновациите, финансиите и заеднички настап во ЕУ-програмите и фондовите, како и соработката со економските комори.