Vesna Besiç
29 Април 2016•Ажурирај: 01 Мај 2016
САРАЕВО (АА) - На денешниот состанок со сопственикот на компанијата 'Tehnograd company', Хамза Шариќ, премиерот на тузланскиот кантон, Бего Гутиќ, кажа зборови на охрабрување за реализација на вчера постигнатиот договор и барање начин за помош на работниците на „Тузла кварц", пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што на состанокот се истакна, состанокот е завршница на веќе започнатите разговори помеѓу премиерот Гутиќ и Шариќ.
„Уште пред неколку дена го замолив Шариќ, сопственикот на компанијата која е лидер во градежништвото на Тузланскиот кантон, да ги согледа можностите и евентуално да се приклучи во изнаоѓање на решенија за проблематиката во „Тузла кварц". Мило ми е што компанијата 'Tehnograd company' со овој гест ја покажа својата добра волја и социјална одговорност, па очекувам во наредните денови, долгорочно да ја решиме оваа проблематика", изјави Гутиќ и додаде дека Владата на Тузланскиот кантон, и понатаму, во рамките на законските решенија и можности, ќе настојува да ги забрзa сите процедури за пренос на концесија, со цел да се стекнат услови за експлоатација на кварцниот песок.
Шариќ ја пофали спремноста и ангажманот на премиерот Гутиќ во решавањето на оваа ситуација.
„Покрај сите досегашни активности кои ги спроведувавме, ме радува и спремноста на премиерот Гутиќ за организација и прекувремена работа на Владата на Тузланскиот кантон и пропратните служби, па доколку е потребно организира и секојдневни седници на Владата со цел да се дојде до долгорочно решение", изјави Шариќ.
Да потсетиме дека, поради исцрпеноста и неможноста на самостално симнување од силосот, спасувачката Горска служба од Сребреник синоќа од силосот симна четворица работници на приватна фирма „Тузла кврац", на кој поминaа цел ден. Четворица од 20 работници кои од 11 април штрајкуваат со глад, вчера изутрина се качија на силос и одбиваа да се симнат, додека еден од нив се закануваше со скокање.
Инаку, поради наводната нелегална приватизација и нелегалната експлоатација на песок, покренати се обвиненија против фирмата „Тузла кварц", а поради блокирана сметка, големи даночни долгови и долгови за концесија, забранета им е понатамошна експлоатација на песок, при што работниците стапиле во штрајк со глад. Пред неколку дена во кругот на фирмата работниците си ископаа гробови сами на себе.