Sibel Morrow
05 Април 2022•Ажурирај: 06 Април 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската подружница на рускиот енергетски гигант „Газпром“ ќе биде ставена под надлежност на Германската федерална мрежна агенција, изјави во понеделник министерот за економија на земјата, Роберт Хабек, известува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката на Германија уследи пред три дена откако „Газпром“ објави дека се повлекува од сопственичката структура на германскиот огранок по одлуката на Москва купувачите од „непријателските земји“ во иднина да купуваат гас во рубљи, преку посреднички банки во Русија.
Опишувајќи го тој потег како „апсолутно неопходен“, Роберт Хабек рече дека „Gazprom Germania“ управува со критичната инфраструктура во Германија и поради тоа е „многу важно да биде снабден со гас“.
„Владата го прави потребното за да обезбеди снабдување во Германија“, им кажа Хабек на новинарите.
Изрази загриженост поради „нејасна правна ситуација“ на компанијата по одлуката на Русија да ја прекине својата работа.
Клаус Мулер, раководителот на германската Федерална мрежна агенција, рече дека агенцијата ќе обезбеди правилно раководство, преземајќи ги сите неопходни чекори за да продолжи да обезбедува снабдување со гас.
„Gazprom Germania“ игра клучна улога во снабдувањето на Германија со плин преку својата подружница „Wingas“. „Газпром“ е вклучен во трговијата со гас во Германија, додека неговата подружница „Astora“ управува со најголемото германско складиште на природен гас во северниот град Реден во покраината Долна Саксонија.