Bedrudin Brlyavac
30 Јули 2016•Ажурирај: 02 Август 2016
САРАЕВО (AA) -Триесетгодишниот Стипе Уршиќ, градоначалник на општината Брела на Макарската ривиера во Хрватска, на јавноста во регионот и на Балканот ѝ е познат откако направил нешто што ретко може да се види во политиката во земјите од Балканот – самиот себеси си ја намалил платата и надоместоците.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), Урсиќ, инаку еден од најмладите градоначалници на Хрватска, рече дека има многу планови за општината што ја предводи, а за почеток, самиот себеси си ја намалил платата, ги укинал патните трошоци, а го зголемил паричниот надоместок за новороденчињата.
„Вистина е дека воведовме многу мерки на штедење и така ќе продолжиме. Ги намаливме трошоците за репрезентација за 70 отсто, ги намаливме трошоците за мобилните телефони, ги отстранивме трошоците за исплата за одење и доаѓање на работа, ги ревидиравме постоечките договори, а баравме и подобри услови. Со модернизација на осветлувањето, со преминување на ЛЕД технологијата, заштедуваме 500.000 куни (околу 66.500 евра) годишно. Добивме помош во финансирање на голем број инфраструктурни проекти. Но, би нагласил дека мерките на штедење се само краткорочно решение“, рече градоначалникот Урсиќ.
Тој нагласи дека за општината се многу важни инвестиции и вложувања во нови содржини што ќе им служат на идните генерации.
Овој градоначалник исто така го укинал и надоместокот за советници, поради што сега советниците работат волонтерски. Откако дошол на позицијата на градоначалник, долгот на општината е значително намален.
„Исто така донесов одлука за зголемување на породилниот надоместок на 7.000 куни. Меѓутоа платата не ја намалував постепено, туку во старт ми е помала за 3.000 куни од поранешниот градоначалник. Јас не барав да биде иста, туку прифатив намалена. Исто така, минатата година, со новата даночна политика, платата повторно ми се намали за 900 куни. Поентата на оваа работа се сведува на тоа, градоначалниците да им служат на граѓаните, а не обратно“, истакна Урсиќ за АА.
Уште еден од податоците, кој за балканските простори звучи малку неверојатно е дека градоначалникот на местото Брела на Макарската ривиера четири години не користел годишен одмор. „Исто така, 4 години воопшто не одев на годишен одмор, односно имам 120 дена неискористен годишен одмор.
Општината работи секој ден и нема никакво спојување на викендот за време на празниците што во Хрватска е редовна практика“, напомена градоначалникот.