Hajer M'tırı
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
ПАРИЗ (АА) - Европскиот парламент денес го одобри договорот за слободна трговија меѓу Канада и ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Со 408 гласови „за“ и 254 „против“, и 33 „воздржани“, пратениците на ЕП гласаа за ратификување на Сеопфатниот економски и трговски договор (ЦETA). Тој би можело веќе привремено да се применува почнувајќи од април.
Договорот, по седумгодишни преговори, беше официјално потпишан во октомври 2016.
Тој беше загрозен откако белгискиот регион Валонија одби да се согласи со условите, поради загриженост дека поевтините производи од Канада ќе им наштетат на земјоделскиот и на работничкиот сектор, како и дека ќе ги намали стандардите на животната средина и на потрошувачите.
За да стапат на сила сите делови од договорот, тој мора да биде одобрен од страна на националните и на регионалните парламенти, како и од претставниците во ЕП.
Во текот на денешната расправа, комесарот на ЕУ за трговија, Сесилија Малмстром, истакна пред пратениците дека договорот ќе ги зајакне економските врски на ЕУ со Канада како и меѓусебниот геополитички сојуз.
Малмстром истакна дека ЦETA ќе им заштеди милиони евра на европските извозници во однос на тарифните такси, и ќе им овозможи на двајцата партнери да постават правила за моделирање на глобализацијата.
Лидерка на францускиот Национален фронт и претседателски кандидат, Марин Ле Пен, тврди дека лошиот договор ќе стави под знак прашалник илјадници работни места во Европа и ќе ги елиминира правата на владите да донесуваат закони.
Договорот ги укинува тарифите на 99 отсто од трговските стоки, им овозможува на фирмите во ЕУ да конкурираат за договори во Канада и се отвора пазарот на канадски услуги за компаниите во ЕУ.
Според податоците на ЕП, во 2015 година тровијата меѓу ЕУ и Канада е проценета на повеќе од 60 милијарди евра, а со ЦETA се очекува таа да се зголеми за 20 отсто.