Ata Ufuk Şeker
03 Јуни 2017•Ажурирај: 04 Јуни 2017
БРИСЕЛ (AA) - Претседателот на Европската комисија Жан Клод-Јункер во обраќањето на 12. Економски самит ЕУ-Кина во Брисел истакна дека трговијата во светот мора да биде слободна но и праведна, јавува Anadolu Agency (AA).
„Колку и да биде слободна трговијата, таа истовремено мора да биде и праведна", рече Јункер.
Истакна дека помеѓу ЕУ и Кина постојат одредени недоразбирања, сепак, нагласи дека билатералните односи сигурно можат да се продлабочат, додавајќи дека партнерството помеѓу двете страни можеби е поважно отколку било кога претходно.
„ЕУ е најголем трговски партнер на Кина, а Кина е втор најголем трговски партнер на ЕУ. Трговската размена во производи помеѓу ЕУ и Кина дневно изнесува преку 1,5 милијарди евра", рече Јункер.
На крајот ја истакна и важноста на соработката на двете страни и во другите области како што се климатските промени, кибер напади, глобалниот тероризам, одрживиот развој, трговијата и глобалниот економски раст.
Премиерот на Кина Ли Кекианг во своето обраќањето истакна дека соработката на Кина и ЕУ е вистинскиот одговор на актуелната неизвесност во светот.
„ЕУ и Кина делат слична филозофија во врска со меѓународните прашања.Ја заговараме идејата да се продолжи процесот на глобализација и секој да има корист од тоа", рече Кекианг.
Додаде дека глобализацијата има позитивни, но и негативни ефекти.
„Благодарејќи на глобализацијата луѓето можат да бираат помеѓу повеќе производи, но одредени земји, сектори и општества од тие причини се соочуваат со нееднаквност. Затоа е потребно дополнително да се усоврши овој систем", рече кинескиот премиер.