Ekipa
09 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Институциите на Европската Унија (ЕУ) денеска постигнаа договор за продолжување на бесплатниот роаминг на мобилните телефони во земјите членки за уште десет години, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Европскиот парламент и Советот на Европската Унија кој ги претставува земјите членки, се согласија да ја продолжат регулацијата на роамингот до 2032 година“, објави Европската комисија, која го предложи законот, поздравувајќи го консензусот помеѓу законодавците на Европската Унија.
Според новиот договор, лицата кои патуваат помеѓу земјите членки на ЕУ можат бесплатно да телефонираат, да праќаат пораки и користат мобилни податоци без дополнителни трошоци уште 10 години.
„Од 2017 година уживавме во укинувањето на трошоците за роаминг. Денес се погриживме овие придобивки да можеме да ги задржиме уште 10 години за да останеме поврзани, да се јавуваме, праќаме пораки и сурфаме на интернет без дополнителни трошоци, кога патуваме во ЕУ“, информира Маргрет Вестагер, извршната потпретседателка на Европската комисија.
По договорот, Европскиот парламент и Советот на ЕУ допрва треба формално да ја усвојат уредбата, која би требало да стапи на сила на 1 јули наредната година.
Само СИМ-картичките регистрирани кај мобилните провајдери во ЕУ ги исполнуваат условите за бесплатен роаминг.