Shpetim Hiseni
25 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Министерството за економија на Република Македонија и со поддршка на Европската Унија (ЕУ), во Скопје започна дводневната меѓународна конференција за стечај и ликвидација, каде што се укажа на потребата за модернизација на правната рамка така што на компаниите да им се даде втора можност наместо ликвидација, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот за зајакнување на административните капацитети ќе се спроведува од страна на Министерството за економија, со вредност од 1,3 милиони евра финансирани од страна на ЕУ. Целта е да се зајакне бизнис околината во Македонија и да се овозможи земјата да биде поатрактивна бизнис дестинација.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на отворањето на конференцијата нагласи дека фактот што министерството ќе го спроведува овој проект, укажува на потребата за ваквите дискусии и дебати, кои, според него, ќе доведат до зајакнување на капацитетите за ова прашање.

„Верувам во поддршката на ЕУ за модернизација на правната рамка за инсолвентност, со нов пристап и фокус кон реструктурирањето на фирмите наместо нивна ликвидација. Согласно ЕУ директивата за рамки за превентивно реструктурирање, земјите-членки веќе носат нови законски решенија. Затоа Македонија не смее да застанува“, пренесе Бектеши, истакнувајќи дека Македонија ќе ги следи овие земји во зголемувањето на свеста за раната превенција и раното започнување на реструктурирањето.
Од друга страна, амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, истакна дека излегувањето од пазарот има негативни последици за економијата и за општеството, со губење на работните места и знаењата. Тој повика на спроведување на новите меѓународни правила, кои што според него, ќе го спречат банкротот на компаниите така што начин ќе им се даде втора можност за повторно организирање.
„Во ЕУ, половина од сите бизниси не ги преживуваат првите пет години од своето постоење. Двесте илјади компании банкротираат секоја година, што значи 600 на ден, што резултира со директно губење на 1,7 милиони работни места секоја година“, вели Жбогар.
Во текот на овие два дена, на конференцијата ќе учествуваат експерти од регионот и пошироко, како Србија, Хрватска, Словенија, но и од Финска, кои ќе разменат искуства од своите земји.