Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Југоисточна Азија се состанаа за анализа на влијанието на новите американски царини
- Кинеската централна банка соопшти дека ќе спроведува попустлива монетарна политика и ќе обезбеди стабилно функционирање на финансиските пазари за да се одржи економското закрепнување.

ИСТАНБУЛ (АА) – Официјални претставници од институциите за финансии и централните банки на Кина, Јапонија, Јужна Кореја и земјите од Југоисточна Азија оваа недела се состанаа за да го анализираат влијанието на новите американски царини врз глобалната и регионалната макроекономска ситуација, соопшти денес Централната банка на Кина, јавува Анадолу.
Заменик-гувернерот на Народната банка на Кина, Сјуан Чангненг, учествуваше на редовниот состанок на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија (АСЕАН) и заменик-шефовите за финансии и на централните банки на Кина, Јапонија и Јужна Кореја, одржан на 8 и 9 април во Малезија.
„На состанокот беше дискутирано за влијанието на американските царини врз глобалната и регионалната економска перспектива, како и за унапредување на Иницијативата за мултилатерализација Чианг Маи (ЦМИМ) и Канцеларијата за макроекономски истражувања АСЕАН+3 (АМРО), при што беше постигнат широк консензус за продлабочување на регионалната политичка координација и јакнење на регионалната финансиска безбедносна мрежа“, се наведува во соопштението.
На маргините на состанокот Кина, Јапонија и Јужна Кореја, исто така, одржаа трилатерален состанок на кој заменици-министрите за финансии и централните банкари разменија мислења за економските перспективи и регионалната финансиска соработка.
Кинеската централна банка соопшти дека ќе спроведува попустлива монетарна политика и ќе обезбеди стабилно функционирање на финансиските пазари за да се одржи економското закрепнување.
Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп најави нови, значително повисоки царини за земјите низ светот, а тоа предизвика неизвесност на глобалните пазари и во трговијата.
Трамп воведе повисоки царини за над 180 земји, кои се движеа од 10 до 50 отсто, но подоцна ги паузираше своите „реципрочни царини“ на 90 дена за сите земји, освен за Кина. Тој рече дека ја зголемува царинската стапка за Кина на 125 отсто.
Вчера Кина изјави дека САД вршат „максимален притисок“ и ги користат царините како „оружје“, а притоа порача дека нема да попушти под овој притисок.
Американски претставник од Белата куќа потврди дека царините на кинескиот увоз сега достигнале вкупно 145 отсто откако Трамп драстично ги зголеми царините на увоз.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.