Bekim Laci
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Отсуството на меѓусебна доверба меѓу невладините организации и бизнис секторот, поради недостатокот на информации за нивните активности, е главниот проблем за одложувањето на соработката меѓу нив, беше генералниот заклучок на конференцијата „Предизвиците на соработката меѓу граѓанскиот и бизнис секторот“, која се одржа во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На заклучната конференција, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Фондацијата за развој на образованието и културата „Албиз“, ги претставија резултатите за склучување на 18-месечен проект финансиран од страна на Европската Унија.
Извршниот директор на Фондацијата „Албиз“, Илир Идризи, во изјава за медиумите рече дека во изминатите 18 месеци напорно се работело на одржување состаноци со граѓанскиот и со бизнис секторот во различни градови во Македонија, што според него, помогнало да се обликува преглед на општата состојба на овие два сектори.
„Се одржаа обуки во различни градови коишто помогнаа да се зголеми свеста на невладините организации за пристап до бизнис секторот. Како дел од ова беше и потпишувањето на неформалната платформа на невладините организации за соработка со бизнис секторот, и оваа платформа е функционална и брои 38 членови“, рече Идризи, според кој, таа наишла на поддршка и од Европската Унија.
Извршниот директор на СКСЗМ, Фатмир Битиќи, рече дека бизнис секторот очекува да се создаде пат на кој помалите невладини организации нема да се потпираат на поголемите невладини организации, туку ќе им се даде можност да дејствуваат независно.
Битиќи рече дека институцијата што ја претставува веќе ги идентификувала проблемите што се појавуваат како пречка за соработка на граѓанските организации со бизнис секторот, каде што се забележува недостаток на меѓусебна доверба поради недостатокот на информации.
„Ова е поради тоа што двете страни не биле информирани за работата што ја вршат и транспарентноста на трошењето на парите. Мислам дека со овој проект успеавме да го артикулираме ова и сега има позитивна промена. Тоа што ќе ни помогне е подобрувањето на законската регулатива во областа на Законот за донации и спонзорства, за да се отстранат некои административни пречки со кои се олеснува соработката на невладините организации со бизнис секторот”, рече Битиќи.