Besar Ademi
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за економија на Република Македонија, Дритон Кучи, на прес-конференција најави дека институцијата што ја води оваа година за првпат ќе спроведе нова поттикнувачка мерка што се однесува на надомест на трошоците за набавка и монтажа на ПВЦ прозорци (поливинил хлорид) за домаќинствата за 2017 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Овие поттикнувачки мерки се однесуваат на Програмата за надомест на трошоци за набавка и монтажа на сончеви колектори за домаќинствата, како и Програмата за надомест на набавка и монтажа на ПВЦ прозорци за домаќинствата, која се одвива од 2007 година.
Министерот Кучи рече дека во буџетот на Министерството за економија се обезбедени средства во висина од 20 милиони денари, со кои ќе се надоместат 50 отсто од трошоците на семејствата за монтажа на ПВЦ прозорци. Тој додаде дека распределбата на средствата ќе биде врз основа на принципот „прв дојден – прв услужен“.
„Со воведувањето на овие поттикнувачки мерки, насочени сме кон промовирање на поголемо учество на обновливите извори на енергија и промовирање на енергетската ефикасност и заштита на животната средина, земајќи ги предвид сите обврски преземени од страна на Македонија како земја што се стреми да се приклучи кон Европската Унија“, рече Кучи, додавајќи дека остварувањето на правото на надомест за оваа мерка е преку јавен повик, кој ќе се одржи на 22 септември оваа година.
Според него, овие мерки ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните на Република Македонија и ќе ја подигнат јавната свест за придобивките од користењето на обновливите извори на енергија и од спроведувањето на мерките за заштеда на енергија во домот.
Министерот Кучи зборуваше и за ситуацијата со блокирањето на грчко-македонскиот граничен премин „Евзони“, кој осум дена е блокиран со земјоделска машинерија, од страна на грчките фармери, како резултат на даночните реформи најавени во Грција. Тој истакна дека Македонија од своја страна врши напори за решавање на ова прашање, но додаде дека тоа е внатрешен проблем на Грција и се надева дека во најкраток можен рок тоа ќе биде решено.
Како резултат на блокирањето на преминот, во моментов е запрен увозот на нафтени производи од Грција во Македонија. Акционерското друштво „Окта“ предупреди дека ако нафтените танкери останат заробени на грчка страна, Македонија би можела да се соочи со нафтена криза.
„Се разбира дека ние ќе ја спречиме таквата криза. Вчера бев информиран и од страна на енергетскиот сектор дека веќе треба да се занимаваме со проблемот на нафтените деривати. Денес ќе ги интензивираме средбите за негово надминување“, рече Кучи во врска со предупредувањата на акционерското друштво „Окта“.