АНКАРА (АА) - Надворешниот трговски дефицит на Турција забележа годишен пад од 77,1 отсто во септември, објави денес турскиот Институт за статистика (ТуркСтат), пренесува Anadolu Agency (AA).
Минатиот месец, извозот на Турција се зголеми за 22,4 отсто, на 14,45 милирајди долари, во однос на истиот период минатата година, додека увозот се намали за 18, 3 отсто, на 16,3 милијарди долари.
Во септември, надворешниот дефицит на земјата изнесуваше 1,87 милијарди долари, кој е намален од 8,17 милијарди долари, колку што изнесуваше истиот месец минатата година.
„Во септември 2018 година, покриеноста на увозот со извоз изнесуваше 88,5 отсто, кој во септември 2017 изнесуваше 59,1 отсто“, велат од ТуркСтат.
Официјалните податоци покажуваат дека Германијае најголемиот пазар за турскиот извоз минатиот месец, со остварен извоз во вредност од 1,42 милијарди долари.
„По Германија следува Обединетото Кралство со 1,05 милијарди долари, Италија со 816 милиони долари и Ирак со 719 милиони долари“, соопштија од ТуркСтат.
Оттаму истакнаа дека истиот месец Турција најголем увоз остварила од Русија, во вредност од 1,7 милијарди долари, потоа од Кина (1,5 милијарди долари), Германија (1,4 милијарди долари) и САД (1,1 милијарда долари).
- Периодот јануари - септември
Во деветмесечниот период остварен е извоз во вредност од 123,04 милијарди долари, со годишен пораст од 7 отсто, додека увозот беше во вредност од 174,16 милијарди долари, што е пораст за 3,1 отсто за истиот период.
Како резултат на тоа, билансот на надворешната трговија на Турција во периодот јануари-септември забележа дефицит од 51,1 милијарда долари, што претставува намалување за 5,2 отсто, бидејќи дефицитот во текот на истиот период минатата година изнесуваше 53,9 милијарди долари.
Вредноста на извозот остварен во ЕУ, главниот трговски партнер на Турција, изнесуваше 61,9 милијарди долари, односно 50,4 отсто од вкупниот извоз на земјата, додека остварениот увоз на Турција од земјите од блокот беше во вредност од 63,4 милијарди долари.
Регионот на Блискиот Исток во наведениот период претставува втор по големина пазар за извоз на турските производи, во вредност од околу 21,5 милијарди долари, по кој доаѓаат африканските земји со остварен извоз од речиси 10,3 милијарди долари.
Во однос на увозот, по Европската Унија, најголем увоз Турција има реализирано од азиските земји во вредност од 55,2 милијарди долари.
Во 2014 година, извозот на Турција достигна рекорд од 157,6 милијарди долари, додека таа бројка минатата година изнесуваше речиси 157 милијарди долари.
Во текот на изминатите пет години, највисокиот сооднос меѓу извозот и увозот на годишно ниво е забележан во 2016 година со 71,8 отсто, додека надворешниот трговски дефицит на Турција падна од 99,8 милијарди долари во 2013 година, на 76,8 милијарди долари во 2017 година.