Mehmet Fatih Erdoğdu
10 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Аеродромите во Измир „Аднан Мендерес“, во Анкара „Есенбога“, „Медина“, „Тбилиси“ и „Скопје“ се меѓу најдобрите аеродроми на наградите „Квалитет на аеродромски услуги (ASQ)“ што ги доделува Светскиот совет за аеродроми (ACI World).
Според соопштението на ТАВ, аеродромите во Измир „Аднан Мендерес“ и „Скопје“ со кои управува ТАВ, ја добија наградата „Најдобар аеродром“ во нивните соодветни категории во рамките на програмата за Квалитет на аеродромски услуги (ASQ).
Двата аеродроми, заедно со аеродромите во Анкара „Есенбога“, „Тбилиси“ и „Медина“, беа наградени во категоријата „најдобри хигиенски практики“ во периодот на епидемијата.
Наградите, кои се утврдуваат со оценките на патниците од „АКИ Ворлд“, ќе им бидат доставени на нивните сопственици на церемонија што ќе се одржи во Краков на 13-15 септември 2022 година.
Претседателот на групацијата „ТАВ Аеродроми“, Куршад Кочак, чии ставови се вклучени во изјавата, рече: „Како ТАВ, дадовме услуги на вкупно 52 милиони патници на 15 аеродроми со кои опериравме во осум различни земји во 2021 година. Во секоја земја каде што работиме, се стремиме да го обезбедиме најдоброто патничко искуство со тоа што внимателно ги следиме потребите и очекувањата на нашите патници. Во периодот на пандемијата, во целост ги имплементиравме сите мерки за безбедност на нашите вработени и патници. Нашиот патнички сообраќај почна да закрепнува бидејќи ограничувањата за патување почнаа да се укинуваат кон средината на минатата година. Во овој период, продолживме со нашите напори да понудиме удобно искуство на патување без да ја загрозиме безбедноста. Среќни сме што ги добиваме овие награди кои се доделуваат директно врз основа на оценките на патниците.“
Луис Фелипе де Оливиера, генералниот директор на „АКИ Ворлд“, рече: „Им честитам на ‘ТАВ Аеродроми’ за успехот на наградите ASQ, кои покажуваат извонредност во искуството со клиентите и покажуваат највисоко ниво на услуги во аеродромите низ светот. Патниците ја дадоа својата оценка и ги наградија успешните напори на тимовите на ‘ТАВ Аеродроми’ во обезбедувањето супериорно корисничко искуство во периодот на пандемијата.“
Програмата ASQ на аеродромите членки на АКИ им обезбедува алатки за мерење и на задоволство на патниците, деловните перформанси и квалитетот на аеродромските услуги.
Во рамките на програмата, пред епидемијата се спроведуваа 670.000 истражувања годишно на повеќе од 400 аеродроми во 95 земји.