Senada Ibraimova
24 Ноември 2016•Ажурирај: 25 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), на денешната свечена средба во Скопје, официјално го промовираше Милојица Дакиќ, доскорешниот гувернер на Централната банка на Црна Гора, за член на академскиот совет, јавува Anadolu Agency (AA).
Академијата за банкарство и информатичка технологија во Република Македонија го промовираше за член на академскиот совет доскорешниот гувернер на Централната банка на Црна Гора, Милојица Дакиќ.
Тој во своето кратко обраќање до медиумите рече дека ќе одржи предавање на темата „Мотивациски фактор во одбирањето работа и работење во банки“, и додаде дека ова е важна тема за младите луѓе, особено при одбирањето работа, како и во професионалното работење. Тој рече дека ќе пренесе еден краток вовед во врска со банкарскиот сектор во Црна Гора, со оглед на неговата доскорешна функција како гувернер на Централната банка во таа земја.
„Банкарскиот сектор, конкретно во Црна Гора, е многу намален. Ние во Црна Гора, на тој мал простор, со мал капитал, имаме 15 банки. Меѓутоа, тоа се многу квалитетни и стабилни банки. Овие банки се од седум држави-членки на ЕУ, но сметам дека оптималното ниво на банките во Црна Гора со текот на времето би требало да биде малку пониско. Сепак, пазарот тоа ќе го регулира, така што нема потреба со сила да се оди на тоа. Во трговската конкуренција, тие сами ќе си го најдат местото, поентата е тие да се насочат кон граѓаните и економијата, и да го најдат својот интерес за задоволување на потребите“, истакна Дакиќ.
Поранешниот гувернер на НБРМ, а сегашен член на академскиот совет на АБИТ, проф. д-р Љубе Трпески, во својата изјава рече дека банкарскиот сектор е еден од најстабилните сектори во економијата во Македонија, затоа што, како што рече тој, таканаречените лоши пласмани во Македонија се најниски во регионот. Според него, тоа е показател дека банкарскиот систем е здрав, а деловната политика на банките е конзервативна и Народната Банка успешно управува во поглед на супервизијата што ја врши врз банките и во поглед на водењето на монетарно-кредитната политика.
Во врска со академијата, Трпески изјави: „Банкарската академија има за цел да го прошири знаењето на банкарите и во таа смисла се преземаат чекори, не само во Република Македонија, туку еве вака, и во соработка со други банкарски академии и со други стручни лица од регионот, да се подигне нивото на знаење на банкарите во Р. Македонија“.
Претседателот на академскиот совет на АБИТ, проф. д-р Драгољуб Арсовски, пред да му го додели членството на новиот црногорски член на академијата, во своето обраќање рече дека е задоволен што ќе се зголеми бројот на надворешни членови на академијата, и дека со ова ќе се збогати структурата во областа на монетарната политика, за што новиот член Милојица Дакиќ е мошне стручен.
Академијата е формирана пред две години, со мисија да создаде современи концепти на специјалистичко образование и да постави професионални образовни стандарди во банкарската и во информатичката индустрија.