Ebru Şengül Cevrioğlu
13 Јануари 2023•Ажурирај: 14 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Вкупно 97,3 милијарди кубни метри гас се пренесени преку гасоводот „Турски тек“ и Трансанадолискиот гасовод (ТАНАП) до Туркије и Европа, покажуваат податоците до кои дојде Агенција Анадолија (АА).
Пуштен на 8 јануари 2020 година, преку гасоводот „Турски тек“ досега се транспортирани 26,75 милијарди кубни метри гас во Туркије и 30,55 милијарда метри кубни во Европа. Само во 2022 година, во Туркије транспортирани се 8,6 милијарди метри кубни гас, додека во Европа 12,5 милијарди метри кубни.
„Турски тек“ се состои од две подморски линии од 930 километри кои се простираат од Русија до Туркије преку Црното Море, и две одделни копнени линии во должина од 142 километри и 70 километри.
Со вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри, „Турски тек“ првпат беше најавен за време на официјалната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Туркије во декември 2014 година.
Првата линија со капацитет од 15,75 милијарди метри кубни е наменета за домашните потрошувачи во Туркије, а втората линија, со ист капацитет од 15,75 милијарди метри кубни, носи руски гас во Европа преку Бугарија.
- Во тек проширувањето на ТАНАП -
Гасоводот ТАНАП, познат како „’рбетот“ на Јужниот гасен коридор и „портата“ за азербејџански гас до Туркије и Европа, минатата година пренесе 5,8 милијарди кубни метри гас во Туркије. Европа доби 11,3 милијарди кубни метри гас од ТАНАП во 2022 година.
Од почетокот на работата на гасоводот ТАНАП во Туркије се транспортирани вкупно 20,5 милијарди метри кубни гас, додека во Европа, 19,5 милијарди метри кубни.
ТАНАП транспортира 16 милијарди метри кубни гас годишно, од кои 6 милијарди се за Туркије, додека 10 милијарди за Европа. ТАНАП започнува од грузиско-турската граница, патува 1.811 километри низ дваесет области и се поврзува со Трансјадранскиот гасовод (ТАП) на грчката граница.
Моментално се работи на проширување на гасоводот со цел да се зголеми неговиот капацитет до максимум, кој првично беше конструиран да испорачува 32 милијарди метри кубни гас.
Првиот гас низ кракот на ТАНАП кој минува низ Туркије, што се протега од грузиско-турската граница до излезната точка во Ескишехир, протече на 30 јуни 2018 година, додека првиот гас преку европскиот крак, од Ескишехир до турско-грчката граница, стигна во Европа во декември 2020 година.