Ayhan Şimşek
04 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денес објави економски пакет за олеснување на состојбата со инфлацијата во вредност од 65 милијарди евра, со цел да им помогне на домаќинствата да се справат со високата инфлација и високите сметки за енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во Берлин, канцеларот Олаф Шолц рече дека коалициските партии постигнале договор за различни мерки за поддршка на сите домаќинства, а особено на пензионерите, студентите и семејствата со ниски приходи.
„Германија стои сплотено во овие тешки моменти. Нашата земја ќе ги преброди овие тешки времиња“, рече Шолц и додаде дека неговата влада ги презема сите неопходни мерки за да обезбеди енергетска безбедност и да спречи криза со трошоците за живот оваа зима.
„Никого нема да изоставиме. Тоа е нашата цел со овој сеопфатен, трет пакет помош“, рече германскиот канцелар.
Според новите мерки, сите пензионери ќе добијат еднократна исплата од 300 евра, а студентите ќе добијат 200 евра, додека Владата ќе ја зголеми финансиската поддршка за греење на домаќинствата зависни од социјална помош.
Од 2023 година ќе се зголеми детскиот додаток за да им се помогне на родителите да се справат со инфлацијата, а просечно семејство со две деца ќе добива дополнителни 432 евра.
Пакетот, исто така, вклучува нови мерки за даночни олеснувања со цел неутрализирање на влијанието на инфлацијата и растечките трошоци за енергија.
Германската Влада долго време беше под притисок да усвои сеопфатен пакет помош со цел населението да се справи со зголемените цени, како резултат на војната на Русија против Украина и санкциите кон Москва.
Стапката на инфлација во Германија достигна 7,9 отсто во август, а аналитичарите очекуваат таа да достигне највисоко ниво во последните 70 години од 10 отсто во следните неколку месеци.
Просечните домаќинства ќе треба да платат околу 3.500 евра за гас оваа зима, речиси три пати повеќе отколку што плаќаа минатата година, според најновите проценки.