Senita Sehercehajic
04 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија утре (понеделник) ќе го дознае името на новиот премиер на земјата. Владејачката Конзервативна партија утре ќе ги објави резултатите од гласањето на своите членови за двајцата кандидати за премиер, Лиз Трус и Риши Сунак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кандидатот кој ќе добие најмногу гласови од членовите на Конзервативната партија автоматски станува премиер, како и лидер на партијата, која моментално има мнозинство во Долниот дом на Парламентот на Велика Британија.
Со цел да обезбедат поддршка од повеќето членови на Конзервативната партија, Трус и Сунак летото го поминаа одржувајќи настани низ Велика Британија на кои одговараа на прашањата за нивната политика, пренесува британски „Би-би-си“.
Се очекува актуелниот британски премиер Борис Џонсон да ѝ ја предаде оставката на британската кралица Елизабета Втора следниот ден, а набрзо потоа кралицата официјално да го назначи неговиот наследник на местото премиер.
Вообичаена практика беше новиот премиер да биде поканет во Бакингемската палата за да биде именуван од кралицата, на предлог на владејачката партија. Но, овој пат ќе се отстапи од таа традиција, па кралицата ќе ги прими и Џонсон и неговиот наследник на премиерската функција во замокот Балморал, што се наоѓа во Шкотска.
Доколку новиот премиер одлучи да не распише предвремени избори, следните редовни избори ќе се одржат најдоцна во јануари 2025 година, јавува „Би-би-си“.