Aysu Biçer
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Турската економија порасна за 21,7 отсто на годишно ниво во вториот квартал од 2021 година, покажуваат официјалните податоци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа е највисоката годишна стапка на раст од 1999 година.
Според Турскиот институт за статистика (ТуркСтат), бруто-домашниот производ (БДП) на земјата според тековните цени се зголеми за 52,4 отсто до 1,6 билиони турски лири (188,6 милијарди долари) во периодот април-јуни.
Меѓу активностите што го сочинуваат БДП, додадената вредност се зголеми за 45,8 отсто во услугите и 40,5 отсто во индустријата, додека финансиските и осигурителните активности се намалија за 22,7 отсто во истиот период.
Главните економски индикатори покажуваат дека економската активност е зголемена, додека индексот на економска доверба се зголемил на 97,8 отсто во јуни, од 92,6 отсто претходниот месец.
Минатиот месец турскиот извоз достигна 16,4 милијарди долари, што претставува раст од 10,2 отсто во однос на минатата година, додека увозот се зголеми на 16,8 отсто, на 20,7 милијарди долари.
Вчера, меѓународната агенција за кредитен рејтинг „Мудис“ ја подобри прогнозата за економски раст на Турција за 2021 година од 5 на 6 отсто.
Се истакнува дека закрепнувањето во туристичкиот сектор го поддржало растот на турската економија, благодарение на тековното глобално економско закрепнување и напредокот во вакцинацијата против Ковид-19.
Земјата забележа раст од 7 отсто на годишно ниво во првиот квартал, додека глобалната економија сè уште страда од пандемијата на коронавирусот.