Merve Özlem Çakır
14 Јули 2021•Ажурирај: 15 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за финансии и трезор, Лутфи Елван, денеска се состана со кинеските инвеститори од неколку сектори, при што ги нагласи силните економски врски меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Разговаравме за нашата програма за реформи, трговијата со локалните валути, високотехнолошките инвестиции, кинеската Иницијатива за појас и пат”, напиша Елван на Твитер по видеоконференцијата.
„Турција ќе ја искористи економската дипломатија на најефикасен начин за промовирање на економскиот раст предводен од реалниот сектор“, вети Елван.
„Домаќин на состанокот беше Лиу Шаобин, амбасадор на Кина во Анкара“, се вели во соопштението на Министерството.
Истакнувајќи дека моментално повеќе од 1.100 кинески компании работат во Турција, Елван го поздрави зголемениот интерес на кинеските инвеститори за Турција, особено на технолошките компании.
„Турција дава големо значење на близок контакт со кинески фирми“, додаде тој.
„Сега е време за понатамошно проширување на инвестициите, создавање нови можности и уште повеќе развој на нашата соработка во други земји“, рече Елван.