Ekipa
30 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Од вечерва започнува зимското сметање на времето, односно стрелките на часовникот вечерва (сабота кон недела) се поместуваат еден час наназад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Владата на Северна Македонија ја извести јавноста дека „летното сметање на времето во 2021 година завршува на 31 октомври во 3 h 00 min и 00 s, така што со поместување за еден час наназад времето во 3 часот 00 минути 00 секунди се смета како 02 часот 00 минути 00 секунди“.
Европскиот парламент во март 2019 година изгласа укинување на сезонското поместување на времето од 2021 година, но земјите членки на Европската Унија треба да одлучат дали ќе воведат само зимско или летно сметање на времето.
Промената на времето во Западна Европа е воведена во почетокот на 1970 година, со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден се прави поефикасен.
Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.
Инаку, во Република Северна Македонија зимското и летното сметање на времето со закон е регулирано во 1996 година.