Fuat Kabakcı
12 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
ПЕКИНГ (АА) – Преку платформите за купување „Taobao“ и „Tmall“ кои се наоѓаат во составот на гигантот за е-трговија „Алибаба“ (Alibaba), во Кина за еден ден е направен рекорден промет од 30,8 милијарди долари. Во овој контекст, во првите минути од „Денот на беќарите“ рекордниот промет од 10 милијарди јуани (околу 1,44 милијарди американски долари) минатата година беше постигнат за 3 минути и 1 секунда, а оваа година, пак, за рекордни 2 минути и 5 секунди.
Рекордниот промет од 168 милијарди јуани (околу 25,3 милијарди долари) постигнат минатата година на 11 ноември, оваа година беше надминат за пократок период.
- Љубителите на шопингот го очекуваа 11.11
На денот којшто од страна на Кинезите се нарекува „Двоен 11“, беа направени нарачки за електроника, мебел, облека, апарати за домаќинство од странски и домашни брендови. Пекинг, Шангај, Хангжу и Гуангжу се градовите каде што прометот беше најголем.
Компаниите за е-трговија во земјата со промотивни и специјални цени се обидуваат да привлечат муштерии. Муштериите пак, за купување го избраа 11 ноември.
По поврзувањето на банкарските сметки со апликациите за мобилни телефони како што се „Wechatpay“ и „Alipay“, мобилните телефони во Кина станаа како паричници. На тој начин љубителите на шопингот производите на попуст ги купуваа преку мобилниот телефон.
Поради „Денот на беќарите“, карго компаниите имаа обемна работа. Можно е испораката на производите до муштериите да доцни и до еден месец.
- Во конкуренција со „Cyber Monday“
Единаесетти ноември, денот кога шопингот преку онлајн-платформите во Кина е на самиот врв, е во конкуренција со „првиот понеделник“ (Cyber Monday), којшто по „Денот на благодарноста“, е ден со најголем обем на пазарење во САД.
Во 2017 година за „Денот на беќарите“ за пазарење се потрошени 25,3 милијарди долари, а во 2016 година сумата потрошена за пазарење изнесуваше 18,1 милијарди долари.
Во Кина првата кампања на интернет-порталите за пазарење под името „Двоен 11 – луди шопинг денови“, под чадорот на „Алибаба холдинг“ (Alibaba Holding) била спроведена во 2009 година, и тогаш бил направен промет од 8 милиони долари.
Осумдесет проценти од онлајн-шопингот во Кина се одвива преку страницата на „Алибаба“. Прославата на „Денот на беќарите“ во Кина започна во 1990 година меѓу студентите на универзитетите.