Cansu Dikme
08 Ноември 2018•Ажурирај: 10 Ноември 2018
ТАИПЕИ (АА) - ЏАНСУ ДИКМЕ
Доколку сакате да посадите оризово семе, тогаш ви треба плодна почва со многу вода. Но, во хортикултурната терапија сè што ви треба е надворешен простор за да жнеете здравје, пишува Anadolu Agency (AA).
Хортикултурната терапија е професионална практика за подобрување на менталното и физичкото здравје на луѓето преку градинарски активности.
Таа помага во подобрувањето на меморијата, когнитивните способности, започнувањето на работните задачи, јазичните вештини и социјализацијата.
Во терапевтската градина луѓето уживаат во животната средина во која се доминантни растенијата, дизајнирана со цел да ја олесни интеракцијата со лековитите елементи на природата.
Станицата за земјоделско истражување во Таичунг, во тајванскиот округ Чангуа, пред две години создаде т.н. градина која лекува (лековита градина), поттип на терапевтската градина.
„Ја започнавме оваа работа бидејќи луѓето со текот на времето стануваат сè повеќе анксиозни поради темпото на животот“, рече генералниот директор на станицата, Хуе Ши Лин.
„Поради тоа се обидовме да направиме градина во која тие луѓе ќе можат да шетаат, да се видат со свои пријатели и да уживаат во нашиот дизајн на градината. Имаме и одредени земјоделски активности, координирани во рамки на градината“, додаде тој.
Изборот на растенијата ориентиран кон побудување на сетилата, фокусиран на бојата, текстурата и мирисот, претставува една од главните карактеристики на терапевтската градина.
Лин истакна дека лековитата градина помага во стимулирањето на различните сетила - за вид, слух, мирис, вкус и допир.
- Посебена селекција на цвеќиња -
Минувајќи низ широка патека - во согласност со основите на терапевтската градина - посетителите најпрво наидуваат на делот каде што се стимулира видот.
Чиа Чин Су, менаџерот на паркот, истакна дека за лековитата градина е направена специјална селекција на цвеќиња.
Во делот кој влијае на сетилото за вид, Су вели: „Тука избираме посебна боја. Ги организираме растенијата според одредена шара и според светлосната рамка.“
Терапевтската градина ја користи интеракцијата меѓу луѓето и растенијата во најдобрa смисла. Интеракциите можат да бидат пасивни или активни, во зависност од дизајнот на градината и потребите на корисниците.
Градината им нуди на своите посетители прекрасни шадрвани за меѓусебни разговори и дружење и клупи за индивидуална починка. Помеѓу шадрваните и клупите има езерце со разнобојни риби.
„На ова место можете да се концентрирате на вашите мисли и да ја ставите вашата работа настрана“, рече Су.
Споменувајќи ги истражувачките активности во станицата, Су го спомена тестот применет на колегите.
„Прво, им даваме мал лист хартија, целосно испишан со зборови, и им даваме само три минути да избројат колку зборови има на листот. Тоа ве прави да се чувствувате под притисок. По тестот им даваме шестминутна прошетка низ градината, а потоа им даваме друг тест. Преку тоа сакаме да дознаеме колкав притисок можат да остават настрана“, истакна Су.
Резултатите од тестот покажуваат дека притисокот врз тестираните лица се намалил по нивната прошетка низ градината.