Orhan Kuzu
06 Август 2021•Ажурирај: 09 Август 2021
КАРАБУК (АА)
- ОРХАН КУЗУ
Турската кафе-култура ќе биде промовирана во САД со документарниот филм подготвен од страна на Фондацијата „Туркиш кофи лејди“ (Turkish Coffee Lady) во 7 града каде што кафето се подготвува на различни начини.
Документарниот филм „Турски приказни за кафе од Анадолија“ (Turkish Coffee Tales of Anatolia), чија премиера е закажана за 5 декември, Светскиот ден на турското кафе, ќе биде прикажан во поголемите градови во САД како што се Њујорк, Вашингтон, Бостон, Лос Анџелес, Лас Вегас и Сан Франциско.
Документарниот филм, кој исто така ќе биде промовиран и на социјалните медиуми, е снимен во Мардин, Шанлиурфа, Газиантеп, Карабук, Невшехир, Анкара, Измир и во Истанбул, каде што се подготвува на различни начини.
Целта на документарниот филм, чие времетраење е еден час, е приказните за турското кафе да им се прикажат на други земји.
-„Турското кафе е турски бренд стар 500 години“
Гизем Шалџигил Вајт, основачката на фондацијата „Туркиш кофи лејди“, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека работат на важен документарен филм.
Наведувајќи дека турското кафе е бренд стар 500 години, Шалџигил истакна дека тие веќе 12 години го промовираат турското кафе во САД и во други земји.
Според Шалџигил, вистинската приказна за турското кафе не е раскажана, за што рече: „Првиот метод за правење кафе во светот е развиен од страна на Турците во 16 век. Бидејќи оваа приказна не успеавме да ја раскажеме на светот, кога ќе се спомене кафето, не се помислува на Турција.“
Нагласувајќи дека преку документарниот филм сакаат да ја раскажат приказната за тоа како се развила културата на кафето во Истанбул и како потоа се проширила во Европа, Шалџигил потенцираше:
„Раскажавме приказни за подготвување на турско кафе во различни региони. Нашата цел е перцепцијата за турското кафе да биде повеќе ценета во странство и да ја зголемиме побарувачката за турско кафе. Турското кафе е исто така многу здраво кафе. Документарниот филм ќе го претставиме во странство. Активностите ќе ги започнеме на 5 декември, Светскиот ден на турското кафе. Крајната цел е да се објасни вредноста на турското кафе. Сакаме турското кафе да ја достигне вредноста што ја заслужува.“
Семих Јилдирим, сопственик на Турскиот музеј за кафе, истакна дека документарецот е снимен и во музејот.
Нагласувајќи дека Сафранболу стана важно место за промоцијата на турското кафе, Јилдирим рече: „Кога го основавме нашиот музеј, не можевме да предвидиме дека овој бизнис ќе порасне толку. Среќни сме што ќе придонесеме за промоција на турското кафе со прекрасни настани кои ќе се одржуваат секој ден. За нас е голема чест да бидеме домаќини на таков документарен филм.“
Микро-уметникот Хасан Кале, кој во рамките на документарниот филм прави цртежи со талогот од кафе, рече дека документарецот е важен за промоција на турското кафе.
„Одиме во САД на 5 декември за да ја раскажеме приказната за турското кафе“, нагласи Хасан Кале.