живот

На 70 години работи како бариста во кафуле од новата генерација

- Хава Чал (70), која почна да работи како бариста како поддршка на својата ќерка, сопственичка на кафуле од новата генерација во Сулејмание, Истанбул, ја стекнува благодарноста кај клиентите со разновидните кафиња што ги прави.

Özlem Limon  | 15.03.2025 - Обновена : 15.03.2025
На 70 години работи како бариста во кафуле од новата генерација

ИСТАНБУЛ

- Озлем ЛИМОН


Хава Чал (70), која почна да работи како бариста (лице што подготвува и послужува кафе во кафуле) како поддршка на својата ќерка, сопственичка на кафуле од новата генерација во Сулејмание, Истанбул, ја стекнува благодарноста кај клиентите со разновидните кафиња што ги прави.

Откако се пензионирала по долги години работа на различни работи во Туркије и во странство, Чал и покрај возраста, ѝ дава поддршка на својата ќерка, а вниманието врз себе го привлече на социјалните мрежи со видеото „тетка Бариста“.

Чал, мајка на три деца, за Анадолу изјави дека почнала да прави кафе благодарение на својата ќерка и дека се заинтересирала за работата како бариста гледајќи ги своите деца.

Таа е во пензија и повремено доаѓа да им помогне на своите деца. Чал вели:

„И мене ми е многу подобро. Седењето дома е здодевно. Ќерка ми зеде обука за кафе и потоа почнаа со работава. Овде сме заедно и со студентите. Ги сакаме луѓето, таа љубов им ја отсликуваме на оние што доаѓаат. Додека седев овде, на една девојка ѝ направив кафе. И таа ме ставила на социјалните мрежи."


- „Веројатно малку сум љубопитна и малку храбра“

Зборувајќи дека отсекогаш била љубопитна за правење кафе, Чал рече:

„Веројатно малку сум љубопитна и малку храбра. Еден ден дојдов рано во кафулето. Еден студент ми побара американо и така почна. Многу му се допадна.“

Раскажувајќи дека кога луѓето ќе ја виделе, ја прашувале: „Зошто работиш?“, Чал вели:

„Јас всушност не работам, но ме гледаат како правам такво кафе. Сакам да работам. Кога ќе видам среќен човек и јас станувам среќна. Им велам: ‘Гледајте, јас сум во пензија, но доаѓам и помагам. Кога ќе се пензионирате, не застанувајте, продолжете по својот пат.’ Децата се задоволни и се чудат.“

Зборувајќи дека научила да го прави секој вид кафе, Чал рече:

„Сакам да правам капучино бидејќи и јас го пијам. Правам кафиња и ги декорирам. Го научив тоа од ќерка ми. Кога ќерка ми нема да дојде, се чувствувам половично. Кога ќе дојде, се чувствувам среќно. Многу е убаво да работиме заедно.“

Зборувајќи за жените и нивните способности, Хава Чал истакнува:

„Жените се многу паметни, можат да направат сѐ за што ќе се зафатат. Мајките на моја возраст не треба да седат дома. Нека го прават тоа што им поаѓа од рака. Ако не најдат што да прават дома, нека одат во центрите за помош. Ако сакаат да чуваат деца, нека чуваат деца. Дозволете им да прават сѐ во што се добри бидејќи нешто добро што доаѓа од умешноста ги прави луѓето среќни. Има луѓе што со многу предрасуди се однесуваат кон мене, но воопшто не ми е грижа. Сите мајки и жени треба прво да се сакаат себеси и да веруваат во себе. Се знае дека тајната е во довербата. Особено нашите турски мајки, тие се многу паметни и многу вешти.“


- „Добивме многу позитивни и убави реакции од луѓето“

Хурем Темели, ќерка на Хава Чал, изјави дека заедно се во семејниот бизнис и дека со мајка ѝ работат 16 години.

Нагласувајќи дека нејзин најголем поддржувач е мајка ѝ, Хурем Темели вели:

„Господ да ѝ даде здрав и убав живот. Се чувствувам многу вознемирена кога нема да ја видам. Кога ќе пристигнам, одам кај неа да ја видам. И таа ми дава поддршка. Ова го правиме со љубов, почит и заедништво, фала Богу.“

Спомнувајќи дека мајка ѝ многу години работела во Австрија, Темели рече:

„Кога требаше да се пензионираат, нѐ праша: ‘Што да правиме кога ќе дојдеме во Туркије?’ Тие се многу вредни луѓе што не сакаат да седат без работа. ‘Ајде да отвориме нешто заедно’, предложија. И брат ми многу нè поддржа на таа тема. Прво, бидејќи сме од Кајсери отворивме местото за мантии. Подоцна го видовме развојот на трета генерација на правење кафе. Добивме многу позитивни и убави реакции од луѓето. Ни рекоа дека се многу среќни.

Откако ја завршив обуката за бариста, увидов дека да се биде бариста е многу пријатна работа. Правење уметност, учење да се направат различни кафиња... Всушност, научивме дека филџанот кафе има многу убава приказна.“


- „Нека видат што може да постигнат жените“

Зборувајќи дека клиентите биле многу изненадени кога првпат ја виделе, Темели продолжи:

„Кога влегуваат во кафулето велат: ‘Бараме бариста’, а јас им одговарам: ‘Повелете, јас сум бариста.’ Многу беа изненадени кога го реков ова. Реагираат со зборовите: ’Дали вие ќе го направите?’ Многу беа среќни кога го видоа кафето што го направив.“

Всушност, научивме дека мора да се урнат предрасудите. Научивме дека луѓето не треба да се оценуваат според нивната коса, шамија, изглед или облека. Дури и компаниите од кои нарачуваме стока беа многу изненадени кога ме видоа. Сега и тие се навикнаа на тоа. Многу се изненадија кога ја видоа мајка ми. Мајка ми е многу интелигентна и љубопитна жена. Многу се труди да успее во тоа што го работи. ’Може и мене да ме обучиш?’, ме праша. И покажавме неколкупати. Потоа, кога доаѓаше наутро, мораше сама да се снаоѓа. Нашите вработени или беа заглавени во сообраќајот или не можеа да дојдат, а кога мајка ми остана сама во кафулето рече: ‘Треба да го научам ова.’ Потоа ја обучивме. Фала Богу, успеа, може да го направи тоа. Како што може да видите, има над еден милион лајкови на социјалните мрежи.“

Темели рече дека на жените треба да им се дадат можности и додаде:

„Нека ги сакаат жените, нека видат што можат да постигнат. Ние сме нација што во Војната за независност оваа земја ја спасија жени како Нене Хатун и Халиде Едип Адивар. Ве молиме, дајте ни шанса, нека нѐ сакаат и почитуваат.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın