АНКАРА (АА) - Секоја година повеќе од 8 милиони лица, поради консумирање цигари ги губат своите животи. Од овие смртни случаи, 7 милиони се поради причини поврзани со директно користење на цигарите, додека преостанатите 1,2 милион се смртни случаи на луѓе кои не пушат цигари, односно се жртви на пасивното пушење, пишува Anadolu Agency (AA).
Користењето на цигарите од повеќе аспекти негативно влијае врз животот на луѓето. Во преден план цигарите се истакнуваат како една од најчестите причини за смртност во светот.
Според податоците на Светската здравствена организација (WHO), приближно половината од консументите на цигари ги губат своите животи поради причини кои се предизвикани од оваа нивна навика.

Пушењето кое претставува едно од најголемите закани за јавното здравје, секоја година е причина за смртта на околу 8 милиони лица. Поради цигарите животот го губат и 1,2 милион лица кои не пушат цигари, но се пасивни пушачи поради нивната изложеност на чадот од цигарите.
СЗО посочува дека на глобално ниво, секоја година, поради фактот што нивните родители пушат цигари, околу 65.000 деца се жртви на пасивно пушење и ги губат своите животи поради нарушувања во респираторниот тракт.
- Цигарите содржат 7.000 различни хемикалии -
На светско ниво, цигарите се причина за две третини од смртните случаи на рак на бели дробови, ставајќи ги на врвот на причините за оваа болест. Се зголемува бројот на лицата кои не консумираат цигари, но се жртви на нивното дејство поради пушењето во домот или на работното место и добиваат рак на белите дробови.
Според СЗО, кај лицата коишто ги оставиле цигарите, по 10 години можноста за развој на рак на белите дробови е намалена за 50% во споредба со пушачите.
Едно од најраспространетите влијанија на цигарите врз здравјето кај луѓето е нивното негативно дејство врз респираторниот тракт. Пушењето цигари се посочува како главен виновник за Хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Болеста ХОББ, која особено може да се забележи кај лицата кои започнале со пушење цигари на мала возраст, сериозно го уназадува нормалниот развој на белите дробови.
Чадот од цигарите негативно дејствува и на воздухот, особено во затворени простории, бидејќи тој содржи 7.000 различни хемикалии кои се причина за 69 видови рак.
- Користење цигари според региони -
Во извештајот под наслов „Трендови поврзани со распространетоста на користењето цигари 2000 - 2025“, објавен од СЗО, се вели дека освен во подрачјата на Африка и Источниот Медитеран, на светско ниво последните години се забележува пад во пушењето цигари. Последните години пушењето цигари во овие два региона продолжува со истиот процент.
Според СЗО, на светско ниво цигари пушат 19,9 од луѓето, при што пушачи се 33,7% од мажите и 6,2% од жените.
Анализирајќи ги единките на возраст над 15 години, во преден план, со најинтензивно консумирање цигари од 29,4% е Европскиот Регион. Во Европа цигари пушат 38,1% од мажите и 20,7% од жените.
Зад Европејците доаѓаат жителите на Западнопацифичкиот Регион со 24,5%. Во овој регион цигари пушат претежно мажите. Навиката за пушење цигари ја имаат 46% од мажите и 3% од жените.
Источен Медитеран е регион во кој 18,1% од населението консумира цигари. Во овој регион цигари пушат 34% од мажите и 2,2% од жените.
Во Северна и Јужна Америка цигари пушат 16,9% од населението. На американскиот континент цигари пушат 21,4% од мажите и 12,4% од жените.
Во Југоисточна Азија цигари консумира 16,9% од населението. Кај мажите застапеноста изнесува 31,6%, додека 2,2% од жените во Југоисточна Азија консумираат цигари.
Консументите на цигари во Африка се застапени со 9,8%. Цигари пушат 17,5% од мажите, додека оваа навика е застапена кај 2,2% од жените на овој континент.
- Смртни случаи како последица на цигарите -
Според СЗО, на светско ниво, консумирањето цигари се причина за приближно 12% од смртните случаи на лицата на 30-годишна возраст и повеќе.
Региони со најголем дел на смртни случаи предизвикани од пушењето цигари се континентите Америка и Европа, региони во кои индустријата на цигари е длабоко навлезена во животите на луѓето.
Според податоците на СЗО, во Европа и Америка цигарите се причина за 16% од смртните случаи. Смртноста поради цигарите во Западен Пацифик изнесува 13%, додека во Југоисточна Азија овој процент изнесува 10%.
Смртноста поради консумирање цигари во Источниот Медитеран изнесува 7%, а во Африка овој процент е 3%.
- Светски ден без цигари -
Светската здравствена организација, со цел да ја подигне свеста за штетноста на пушењето цигари и пасивното пушење по здравјето на луѓето, секоја година подготвува различни активности во рамките на 31 мај - Светскиот ден без цигари.
Тема на овогодишниот Светски ден без цигари е „Цигарите и здравјето на белите дробови“. Во тие рамки, покрај подигнувањето на свеста кај луѓето за штетноста на цигарите врз белите дробови, болестите на респираторниот тракт и ракот предизвикани од нив, со овие активности се има за цел и спроведување на информативни студии со кои ќе се информираат луѓето за важноста на белите дробови за човечкиот живот. Покрај тоа, ќе се оценуваат и ефикасните политики за намалување на потрошувачката на цигари на светско ниво.