Hikmet Faruk Başer,Adem Demir
18 Јули 2016•Ажурирај: 19 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Студентот Метин Доган со својот храбар потег, кога легна пред тенк на пучистите во близина на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, стана еден од симболите на отпорот на турскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој изјави дека штом слушнал за предавничкиот напад, веднаш излегол на улица.
„Гостите и помалиот брат се обидоа да ме спречат, но постариот брат ме поддржа. Не можев да најдам автомобил за да отидам на аеродромот „Ататурк“. Потоа видов еден мотоциклист и го запрашав дали ќе ме префрли до аеродромот. Штом ја виде желбата во моите очи, веднаш се согласи. Не сакаше ниту пари за превозот“,раскажа Доган во разговор за АА и додаде дека пред аеродромот видел војници, тенк и метеж.
Доган се потсети дека повеќепати ги прашал војниците во тенкот чии војници се тие всушност.
„Она што го видов силно влијаеше на мене. Одеднаш скокнав. Тргнав кон војниците и викнав: ‘Јас сум турски војник, чии војници сте вие?’ Тенкот застана, а јас продолжив да викам. Од десната страна стоеше вооружен војник, а од левата страна имаше војници меѓу цивилите. Тенкот тргна. Тогаш легнав пред десната гасеница од тенкот. Тенкот застана“, рече Доган, кој се потсети на сето она што го доживеа на 15 јули, кога пучистите се обидоа да ја урнат демократски избраната Влада на Турција и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Потоа, рече Доган, тенкот тргнал кон него, а тој легнал пред левата гасеница. Тенкот повторно застана...
Отпорот на насобраните граѓани, отпорот на народот, смета Доган, имаше клучна улога во спречувањето на обидот за пуч.