Ivana Ramadanova
24 Септември 2016•Ажурирај: 25 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - ИВАНА РАМАДАНОВА - Медот бил, е, и останува еликсир на животот. Тој е високохранлива и квалитетна материја, со широк спектар на превентивно и лековито дејство. Медот е многу важна дел од исхраната и лек за малите деца, за организам што се развива и расте, за луѓе што заостануваат во развојот, анемични и слаби луѓе на постара возраст, со еден збор, медот е корисен за секој човек.
Македонија има одлични услови за производство на здрава, органска храна, вклучувајќи ги медот и пчелните производи. Како хранлив и лековит производ, медот треба да биде секојдневно застапен на нашата трпеза.
Домашните произведувачи на мед во Македонија велат дека од пчеларството може пристојно да се живее, меѓутоа, пред да се обезбедат приходи од пчеларството, потребно е да се вложи повеќе труд отколку пари.
Марина Митревска од Скопје, во разговор за Anadolu Agency (AA) вели дека таа и нејзиниот сопруг веќе 18 години се занимаваат со пчеларство и производство на мед и пчелни производи. Со оваа дејност започнале да се занимаваат од преголема љубов кон медот.
„Започнавме да пчелариме пред 18 години кога ни се роди првата ќерка. Мојот сопруг јадеше многу мед. Пред да започнеме со сопствен бизнис, мојот сопруг јадеше дури и по половина тегла мед, со оглед на тоа што мојата тетка се занимава со пчеларство и произведува мед. Така што, поради големата љубов кон медот, се јави желба тој да почне да произведува мед. Тогаш мојот тетин ни подари едно пчелно семејство. Од едно пчелно семејство, сега имаме преку 120 пчелни семејства и од хоби веќе ни прерасна во дополнителна дејност. Во производството на медот ни помагаат и нашите деца, кои сами влегуваат во пчеларниците и ни помагаат кога ни е потребно“, вели Митревска.
Освен медот, таа истакна дека произведуваат и пчелни производи, како што се прополис, перга, матичен млеч и восок.
„Во моментов произведуваме ливадски и планински мед. Разликата меѓу овие два меда е во тоа што ливадскиот мед изобилува со поголем број витамини, додека пак планинскиот мед е побогат со минерали. Секој мед произведен од пчела е добар и секој купува мед во зависност од тоа што повеќе му е потребно“, додава Митревска.
Медот и пчелните производи, вели Митревска, исклучиво ги продаваат од дома, а учествуваат на фестивали и саеми низ градовите во државата. Таа додава дека количините што ги произведуваат се многу мали за да може да извезуваат надвор од границите на Македонија.
Познавачите на оваа дејност велат дека од една кошница, пчеларите годишно можат да добијат околу 30 килограми мед и дека заработката по количина е задоволителна. Професионалните пчелари, кои од продажбата на мед ги издржуваат семејствата, имаат минимум 100 кошници.
Семејството Миловски од Берово се занимава со пчеларство и производство на мед повеќе од 20 години. Во моментот произведуваат ливадски и шумски мед, односно полифлорен мед.
„Освен мед, ние ги произведуваме сите пчелни производи. Имаме полен, млеч, прополис, пчелни роеви. Кај нас, во Македонија може да се живее од пчеларство, но само препорачувам надлежните институции да преземат повеќе мерки за квалитетот на медот. Оние што се занимаваат професионално со пчеларство можат да живеат солидно“, вели Миловски.
Во Македонија постојат над 4.000 пчелари, со повеќе од 80.000 пчелни семејства, од кои 2,1 отсто имаат над 150 пчелни семејства, речиси 30 отсто имаат од 50 до 150 пчелни семејства, 49,4 отсто од 20 до 50, а 18,4 отсто од едно до 20 пчелни семејства. Најмногу од пчеларите во земјава, дури 83,5 отсто, практикуваат стационарно пчеларење, кое дава помал принос, а само 16,5 отсто селидбено пчеларење.
Од едно пчелно семејство во Македонија, во просек се добиваат по 12 килограми мед годишно, а на годишно ниво се троши само по 700 грама мед по жител.