Serhat Çetinkaya
25 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
КОЊА (АА) - СЕРХАТ ЧЕТИНКАЈА -
Најголемото слатководно езеро во Турција, Бејшехир, е покриено со мраз, а рибарите и на екстремни температури ловат риба за да ги прехранат своите семејства, јавува Агенција Анадолија (АА).
Езерото Бејшехир кај Коња облече бело зимско руво, а снаодливите и смели локални рибари наоѓаат начини да стигнат до својот улов и под замрзнатата површина на езерото долго 45 километри и широко 20 километри.
Клен, бранцин и лин се најчестите улови на рибарите, кои од раните утрински часови го кршат мразот со секири и друг алат за да стигнат со чамците до одреден дел од езерото и да ги постават своите мрежи или јадици.

Рибарите ги минуваат моментите на краток одмор за време на екстремните температури во своите колиби, каде што покрај огнот со шолја чај се подготвуваат за нови предизвици.
Рибарот Ибрахим Ердоган за АА изјави дека тоа е неговата работа и дека рибари на езерото во сите временски услови.
„Температурата на водата паѓа и до десет степени под нулата, и површината на езерото замрзнува. Тогаш нашата работа станува многу потешка. Се договараме и си помагаме меѓусебно за мрежите да не ни останат под мразот“, рече Ибрахим.
Тој истакна дека рибарите со заеднички сили го пробиваат патот за чамците и одат на риболов, и дека и на враќање кон брегот повторно мораат да го направат истото тоа бидејќи површината на езерото повторно замрзнува.

„Понекогаш мразот е толку цврст што нè заробува во чамците, но со заедничка работа на сите рибари ги решаваме и таквите ситуации. Се радуваме кога паѓа снег бидејќи тогаш нивото на езерото се подигнува. Ние сме луѓе кои својот леб го вадиме од под мразот. Брегот е далеку и има многу ризици, но сето тоа се наши предизвици“, вели Ибрахим.
И рибарот Џемал Ердоган исто така вели дека риболовот во зима и при мраз на езерото е исклучително тешка работа.
„Порано тоа беше уште потешко со дрвените чамци. Ладно е и тешко, но ние сме среќни кога ќе се вратиме со добар улов“, рече Џемал.