Suat Öztürk
01 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
ЕЛАЗИГ (АА)
- Суат ОЗТУРК
25-годишниот Адем Аксуоглу од турскиот град Елазиг, кој има потешкотии во својот говор, го избра сликарството како начин на изразување на своите чувства, пишува Агенција Анадолија (АА).
Аксуоглу, кој живее со своето семејство во населбата Улукент во Елазиг и кој пелтечел уште од своето детство, ја избрал ликовната уметност поради проблемот во комуникацијата со своите пријатели и околината.
Унапредувајќи се себеси со сликањето и добивајќи ја поддршката на семејството на ова поле, Аксуоглу се запишал на Катедрата за ликовна уметност на Универзитетот „Улудаг“ во турскиот град Бурса, на отсекот за наставници по ликовна уметност.

Во текот на своето студирање, Аксуоглу во 2019 година учествувал на Меѓународниот натпревар „Екслибрис“ во Бурса, на кое му било доделено почесно признание. Аксуоглу бил прв во Туркије на Деветтиот конкурс за сликање „Понарт“, организиран во Истанбул истата година.
Аксуоглу и оваа година го доби почесното признание на Меѓународниот натпревар „Екслибрис“ што се одржа во турскиот град Ушак на тема „Културно-уметнички траги на Ушак“.
Тој по дипломирањето се враќа во родниот град Елазиг и една соба од својата куќа ја претвора во работилница, во која твори користејќи гравура, сликање со маслени бои и техника на гребење на обоена површина.
Аксуоглу има за цел да ја отвори својата прва самостојна изложба и да ја претставува Туркије со своите дела со свое учество на меѓународни натпревари.
- „Почнав себеси да се изразувам преку ликовната уметност“
Адем Аксуоглу за Агенција Анадолија (АА) изјави дека преку сликањето почнал да се изразува себеси бидејќи уште од детството имал потешкотии во зборувањето.
Зборувајќи дека сликањето му дошло како терапија, Аксуоглу продолжи: „Почнав себеси да се изразувам преку ликовната уметност. Сликањето за мене беше нешто незаменливо. Моите мисли ги пренесувам преку сликањето. Тоа стана мојот јазик на говор. Тоа е мојот начин да ги префрлам мислите на хартија.“

Аксуоглу, нагласувајќи дека црта од моментот кога за првпат го зел моливот во рака, истакна дека веднаш на хартија го става сето она што го мисли и за што сонува.
Тој рече дека во неговото семејство има и други членови кои имаат талент за сликање.
„Мојот постар брат црташе животни на лист хартија додека учеше. Инспириран од него, се зголеми мојот интерес за сликањето. Тоа стана дел од мене. Постојано сакам да правам нешто во врска со сликањето. Цел ми е да ја отворам мојата прва самостојна изложба. Сакам да ги искористам сите можности со учество на различни натпревари“, нагласи тој.
Аксуоглу рече дека за да напредува на ова поле, се школувал и учествувал на натпревари и додаде дека напорно работел за да биде успешен.

„Пред да одам на натпреварите, мислев дека луѓето во странство се подобри од нас. Откако почнав да учествувам, увидов дека и ние можеме да бидеме успешни“, истакна Аксуоглу и ги повика сите талентирани да сликаат, без да се откажуваат и да учествуваат на натпревари.
Таткото Неџметин Аксуоглу изјави дека неговиот син уште од детството пројавил интерес за ликовната уметност и дека семејството секогаш го поддржувало во тој поглед.