Ekipa
29 Февруари 2024•Ажурирај: 02 Март 2024
БЕИТ ЛАХИЈА (АА) - Уште едно бебе почина поради неисхранетост и дехидратација во северниот дел на Газа, која е под израелски напади и опсада, јавува Анадолу.
Бебето лежеше на одделот за интензивна нега на доенчиња во болницата Камал Адван во градот Беит Лахија во Газа.
На снимката се гледа како мајката на бебето плаче и се збогува со него пред инкубаторот.
Единствената болница што работи во северниот дел на Појасот Газа беше принудена да ја прекине работата вчера поради недостиг на гориво, оставајќи ги жителите без основни здравствени услуги.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека болницата Камал Адван е затворена.
Во соопштението се истакнува дека во болницата има целосен прекин на работата поради недостиг на гориво и неможност да работат агрегатите.
Жителите на подрачјето не можат да добијат здравствени услуги, како дијализа, интензивна нега, детска нега, услуги од интерна медицина, кардиолошка нега, општа хирургија и педијатриска итна помош, се нагласува во соопштението.
Израел воведе голема блокада на Појасот Газа, оставајќи го населението на раб на глад, особено жителите на северот на Газа.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Во израелското бомбардирање загинаа над 30.000, а повредени се над 70.000 лица.