Yeşim Sert Karaaslan
03 Април 2021•Ажурирај: 05 Април 2021
АНКАРА (АА) - Новиот вид коронавирус очигледно е дека е склон кон мутации поради што во светот во иднина може да се појават нови соеви, предупреди д-р Исмаил Балик, врвен експерт за инфективни болести во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најважниот фактор што го зголемува ризикот од мутации е ширењето на вирусот. Во моментов тој е склон кон нови мутации“, истакна д-р Балик, раководител на Одделот за инфективни болести при Универзитетот во Анкара, во разговорот со АА.
„Колку вирусот повеќе се шири на одредено место, толку е поголема веројатноста за уникатна мутација. Може да се појави и мутација специфична за Турција; ако се појави, соодветно на тоа треба да се направи истражување.“
Д-р Балик рече дека сојот на вирусот што беше првпат откриен во Велика Британија, познат како Б.1.1.7, е најважниот фактор за третиот бран на Ковид-19 што моментално се шири во светот, особено низ Европа.
„Овој сој е оној што сега ја продолжува пандемијата“, нагласи тој.
Цитирајќи ги неодамнешните изјави на турскиот министер за здравство, Балик рече дека британскиот сој сега опфаќа 75 отсто од сите случаи на вирусот во Турција.
„Тој е позаразен за 40 до 70 отсто, но не предизвикува поголема смртност од оригиналниот вирус“, објасни тој.
Здравствениот експерт ја истакна потребата од постојана претпазливост, повикувајќи ги луѓето да продолжат да избегнуваат метеж и строго да ги следат сите хигиенски и безбедносни мерки.