Seda Sevencan
12 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
МАДРИД (АА) - 113-годишна жена од североисточната шпанска покраина Жирона победи во битката со новиот вид коронавирус, кој однесе илјадници животи низ целиот свет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми објавија дека Марија Брањас, најстарата личност во Шпанија, го победила вирусот по неколкунеделно боледување.
Откако тестот бил позитивен, Брањас била ставена во карантин во просторија во домот за стари лица каде што престојувала, а подоцна нејзиниот тест за вирусот бил негативен.
Две други лица во старечкиот дом починале од Ковид-19.
Кога била дете, таа го победила и шпанскиот грип, што ја предизвика најсмртоносната пандемија на 20 век во периодот 1918-1920 година.
Геронтолошката истражувачка група, група истражувачи од светот, тврдат дека според достапните податоци, Брањас е најстарата личност во светот која го победила Ковид-19.
Според лекарите, постарите лица со хронични заболувања се во групата со најголем ризик и најголем дел не се во можност да оздрават од Ковид-19.
Шпанија во моментов има 227.436 дијагностицирани случаи на коронавирусот, додека бројот на починати изнесува 26.744. Вкупно 137.139 пациенти се отпуштени од болниците по закрепнувањето од вирусот.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 285.900 луѓе во светот, над 4,17 милиони се заразени, додека излекувани се 1,45 милиони, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.