Ekipa
18 Април 2020•Ажурирај: 19 Април 2020
ОВИЕДО (АА) - Во изминатите 24 часа, во Шпанија од новиот вид коронавирус, Ковид-19, починаа 565 лица, со што бројот на смртни случаи во земјата порасна на 20.043, соопшти денеска шпанското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вкупниот број потврдени случаи во земјата, исто така се зголеми за нови 4.499 случаи, со што вкупниот број достигна 192.920. Од почетокот на кризата во Шпанија оздравени се 74.662 лица.
Шпанија неодамна нареди повлекување на речиси 1 милион маски за кои се покaжало дека се неефикасни, кои медицинските лица ги користеле со недели.
Шпанската Влада, исто како и британската, претходно купила, како што се наведува, нерегуларни комплети за брзо детектирање на вирусот од кинески производител.
Шпанскиот премиер Педро Санчез се очекува денеска директно да ѝ се обрати на нацијата со предлог за продолжување на состојбата за изолација до 11 мај.