Ekipa
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
РИМ (АА) - Во Италија денес пријавени се 475 смртни случаи од коронавирусот, нов рекорд што го зголеми вкупниот број на починати во земјата на 2.978, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најновите податоци од италијанскиот Оддел за цивилна заштита покажуваат дека случаите на Ковид-19 во земјата достигнале 28.710, што претставува пораст од 10 отсто во однос на вчерашниот ден.
Италијанската влада размислува дали уште повеќе да ги зајакне веќе строгите мерки, кои ја доведоа земјата до скоро целосна изолација.
Жариштето на епидемијата во Италија останува да биде северниот регион Ломбардија, од каде што потекнуваат 1.959 од вкупниот број смртни случаи во земјата.
Атилио Фонтана, гувернерот на Ломбардија, денес упати остар апел до граѓаните, барајќи од нив да останат во своите домови или во спротивно да се соочат со построги мерки.
„За жал, бројот на заразени не се намалува. Продолжува да расте, и наскоро нема да бидеме во состојба да ги лечиме оние што се разболуваат“, рече тој.
Италија е најтешко погодена земја од коронавирусот во Европа и има најголем број случаи на Ковид-19 и смртни случаи во светот, по Кина.
Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи Европа за нов епицентар на коронавирусот, кој за првпат се појави во декември во Вухан, Кина.