Ahmet Gürhan Kartal
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
ЛОНДОН (АА) - Премногу е рано да се укинат мерките преземени против вирусот Ковид-19 во Велика Британија, изјави во своето прво обраќање по закрепнувањето од вирусот, британскиот премиер Борис Џонсон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето пред „Даунинг стрит“ број 10, Џонсон рече дека има знаци дека Велика Британија поминува токму низ врвот на пандемијата и дека е на точката на максимален ризик.
„Јасно е дека Владата ќе соопшти многу повеќе во врска со овие [мерки] во наредните денови“, рече Џонсон.
Тој рече дека Владата ќе ги укине мерките кога ќе биде апсолутно сигурна дека нема да има втор бран.
„Исто така, мора да го препознаеме ризикот од втор бран и да дозволиме стапката на репродуцирање да се врати над еден. Тоа не само што ќе претставува нов бран на смртност и болести, туку и една економска катастрофа, со што повторно ќе бидеме принудени да стиснеме на сопирачките во целата земја и врз целата економија и повторно да ги воведеме ограничувањата.“
„Не сакам да ги отфрлам сите напори и сета жртва на британскиот народ“, рече Џонсон.
„Знам дека е тешко. Сакам економијата да се придвижи што е можно побрзо“, истакна британскиот премиер и додаде: „Но, јас одбивам да го отфрлам жртвувањето на британскиот народ“, додаде тој.
Нагласи дека овие одлуки ќе бидат носени со најмаксимална можна транспарентност.
Британските здравствени власти вчера соопштија дека бројот на смртни случаи во Велика Британија од коронавирусот во изминатите 24 часа изнесува 413, што е најнизок дневен биланс овој месец.
Според премиерот Џонсон, вкупниот број на починати денеска достигнал речиси 21.000.
Вистинската бројка на смртни случаи може да изнесува и над 40.000 доколку се додаде и бројот на починати во домовите за нега, според калкулациите на „Тајмс“ (The Times), базирани на податоците објавени од Канцеларијата за национална статистика.
Минатата недела, мерките за ограничување во Велика Британија се продолжени за уште три недели.