Jeyhun Aliyev
10 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Бројот на починати во Бразил од новиот тип коронавирус, Ковид-19, се искачи на 10.627, со 730 нови смртни случаи во последните 24 часа, соопштија здравствените власти на Бразил, пренесува Агенција Анадолија.
Министерството за здравство во латиноамериканската земја соопшти дека билансот на дијагностицирани случаи се искачил на скоро 156.000 со 10.611 новозаразени.
Првиот смртен случај од коронавирусот во регионот беше регистриран во Бразил, кој е една од најмногу погодените земји од вирусот во регионот.
Во Бразил живеат речиси 210 милиони жители.
Според локалните вести, познатиот стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро е претворен во болница.
Болницата, која ќе има вкупен капацитет од 400 легла, моментално има 170 легла, од кои 50 се за интензивна нега.
Гувернерството на Рио де Жанеиро соопшти дека поставувањето на преостанатите 230 легла ќе биде реализирано до средината на мај.
Откако за првпат се појави во Кина минатиот декември, вирусот се прошири во најмалку 187 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони во светот.
Пандемијата досега ги зеде животите на околу 280.000 лица низ светот, повеќе од 4 милиони се заразени, додека битката со вирусот ја добија над 1,37 милиони луѓе во светот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.