Ekip
16 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
РИМ
Во Италија денес се пријавени 34 нови смртни случаи од последиците на Ковид-19, при што вкупниот број на починати изнесува 34.405, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трендот на опаѓање во бројот на смртни случаи во мај продолжи до средината на овој месец, при што најлошото сценарио од епидемијата се верува дека е надминато.
Но, здравствените и политичките власти продолжија да бараат претпазливост, плашејќи се од можен втор бран на вирусот. Владата исто така предупреди дека доколку официјалните податоци покажат ново засилување на вирусот или активни жаришта, таа е подготвена да воведе нови ограничувања.
Бројот на активни случаи на Ковид-19 опадна денес, за 1.340, со што вкупниот број на заразени лица изнесува 24.569.
Во меѓувреме, бројот на оздравени продолжува да се искачува, чија бројка достигна 178.526, олеснувајќи го притисокот врз здравствениот систем на земјата.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува северниот регион Ломбардија, каде досега од последици предизвикани од Ковид-19 починаа 16.466 лица, што е повеќе од половина од вкупниот број на смртни случаи во Италија.
Новото истражување на Институтот за високо здравје на Италија (ISS) покажа дека просечната возраст на лицата кои починале од Ковид-19 во периодот март - јуни е во пораст, зголемувајќи се од 79,8 на 82,5.
Авторите на истражувањето оваа промена ја припишуваат на различни фактори, вклучително и подобреното ниво на санитарна помош, зголемена способност за лекување на вирусот и подобра организација во спречување на ширењето на вирусот.
Истражувањето беше засновано на околу 30.000 жртви пред 4 мај и над 3.000 регистрирани потоа. За жените жртви, просечната возраст е зголемена од 83,1 на 85,1, додека кај мажите е зголемена од 77,6 на 79,1.