Burak Bir
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ПЕКИНГ (АА) - Бројот на починати од коронавирусот Ковид-19 во Кина се искачи на 1.869 лица, соопшти денес кинеската Национална здравствена комисија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Властите соопштија дека се пријавени 72.436 потврдени случаи, додека во последните 24 часа починале 98 лица, а откриени се 1.886 нови случаи на вирусот.
Бројот на откриени случаи со вирусот надвор од континентална Кина изнесува 60 во Специјалниот Кинески Административен Регион Хонгконг и 10 во Макао.
Бројот на лицата под медицински надзор падна на 141.552.
Коронавирусот, сега официјално познат како Ковид-19, се смета дека се пренел на луѓето од животни, особено од лилјаците.
Освен во Кина, вирусот се прошири во над 20 земји во светот, меѓу кои и САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Многу земји, меѓу кои и Турција, ги евакуираа своите граѓани од градот Вухан - епицентарот на вирусот - и од други погодени области во Кина, сместувајќи ги во изолирани медицински услови.
Светската здравствена организација (WHO) ја прогласи појавата на вирусот за меѓународна здравствена опасност.