Emre Aytekin
01 Мај 2021•Ажурирај: 02 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Во светот досега се употребени повеќе од 1,11 милијарди дози вакцини со цел да се обезбеди имунитет против коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според објавените податоци на веб-страницата „ourworldindata.org“, најмногу дози се дадени во Кина, каде што се администрирани над 253.460.000 дози на вакцини.
Следуваат Соединетите Американски Држави (САД) со 240.160.000 дози, Индија со 154.989.000 дози, Велика Британија со 48.140.000, Бразил со администрирани 41.990.000, Германија со 28.770.000 и Турција со 22.874.000 администрирани дози.
Меѓу водечките земји според бројот на дадени вакцини против Ковид-19 се и Франција со 20.970.000 дози, Индонезија 19.890.000, Русија 19.520.000, Италија 19.420.000, Мексико 17.360.000, Шпанија 15.860.000, Чиле 14.620.000, Канада 13.130.000, Полска 11.470.000 и Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) со 10.550.000 дози.
- Најмногу дози на 100 жители дадени на Сејшелите -
На Сејшелите се дадени најмногу дози на вакцини на 100 лица во однос на вкупната популација. Во земјата, каде што бројот на употребени дози на вакцини го надмина бројот на населението, бројот на дози на секои 100 лица изнесува127,66.
Следат Израел со 121,24 дози, ОАЕ со 106,64, Сан Марино 85,36, Чиле 76,47, Малта 75,06, Малдиви 73,63, Бахреин 71,94, САД 70,97, Велика Британија 70,91, Бутан 62,25 и Монако со 62,15 дози на секои 100 луѓе.
Турција со 22.874.102 дози е седма во светот според бројот на употребени вакцини, додека во земјата администрирани се 26,76 дози на секои 100 луѓе. Првата доза ја имаат примено 13.740.100 лица, додека 9.134.002 лица се ревакцинирани.
- Јаз помеѓу северот и југот -
Според дистрибуцијата на вакцини по континенти, Азија е на првото место со 520.940.000 вакцини, потоа следат Северна Америка со 273.130.000 и Европа со 221.220.000 вакцини.
Континентите и регионите на јужната хемисфера значително заостануваат зад регионите на северната хемисфера. Во Јужна Америка досега се дадени 74.600.000 дози вакцини, во Африка 17.680.000, а во Океанија 2.410.000 дози.
Сите вакцини против Ковид-19, освен една, кои имаат добиено дозвола за употреба, се даваат во две дози. Според тоа, бројот на употребени дози на вакцини не значи дека ист број на луѓе се и вакцинирани.
Пандемијата на Ковид-19 се прошири во повеќе од 200 држави и региони и се претвори во глобална пандемија.
Бројот на случаи на зараза во светот надмина 152.000.000, а повеќе од 3.194.000 луѓе починаа од последици на коронавирусот.