Alaattin Doğru
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
ПАРИЗ (АА) - Францускиот премиер, Жан Кастекс, соопшти дека во земјата на секои 30 секунди едно лице се хоспитализира поради Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Кастекс даде изјава за државната телевизија „ТФ1“ (TF1) во врска со полицискиот час и другите мерки преземени против Ковид-19, коишто предизвикаа реакции.
Повикувајќи го народот, особено бизнисите, да ги применува мерките против Ковид-19, Кастекс рече дека Владата нема да отстапи од одлуката за полициски час, што предизвика реакции.
- Во Франција на секои 30 секунди едно лице се хоспитализира поради Ковид-19 -
Наведувајќи дека има голем пораст на бројот на случаи со Ковид-19 во Европа и Франција, Кастекс рече: „Од почетокот на епидемијата изгубивме 37 илјади граѓани. На секои 30 секунди едно лице се хоспитализира поради Ковид-19, меѓу нив има и млади.“
Укажувајќи на тоа дека одделите за интензивна нега во болниците ќе бидат полни за 15 дена доколку не бидат преземени неопходните чекори, Кастекс истакна дека во моментот бројот на пациенти што се наоѓаат на интензивна нега е 3.600, а во текот на ноември ќе се зголеми на околу 6.000.
Според изјавата на Француската агенција за јавно здравје, со смртта на уште 231 лице, во Франција од вирусот починаа вкупно 37.019.
Бројот на заразени лица во земјата е зголемен за 46.290 во последните 24 часа, со што вкупната бројка на заразени се искачи на 1.413.915.
Поради брзото зголемување на случаите на Ковид-19, во Франција во сила е полициски час.