МАДРИД
Пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Шпанија, во последните 24 часа одзеде 585 животи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанското Министерство за здравство ги ажурираше информациите поврзани со пандемијата на Ковид-19, најавувајќи дека ќе бидат воведени нови критериуми во однос на тоа прашање.
Шпанското Министерство за здравство кое вчера имаше соопштено дека вкупниот број на починати изнесува 19.130 лица, денеска, наместо 19.715, заедно со последните 585 смртни случаи, соопшти дека во Шпанија вкупниот број на смртни случаи изнесува 19.478.
Фернандо Симон, кој се наоѓа на чело на Центарот за координација за итни здравствени услуги и предупредувања, како дел од шпанското Министерство за здравство, изјави дека ќе биде потребно два до три дена да се регулираат новововедените критериуми според кои ќе се објавуваат податоците во иднина.
„Многу е тешко да се знае вистинската бројка на навистина починатите од Ковид-19, тоа не можеме да то дознаеме“, рече Симон, истакнувајќи дека зголемувањето на смртноста која во почетокот на пандемијата на дневно ниво изнесуваше 40%, сега е намалена на 3%.
Од друга страна, може да се забележи дека во последните три дена постои раст на смртноста (15 април - 523, 16 април - 551 и денеска - 585).
Во исто време со 5.252 новозаразени, вкупниот број на лица кои биле позитивни на Ковид-19 во Шпанија достигна бројка од 188.068.
Фактот што во последните три дена бројот на лица кои биле позитивни на тестот на Ковид-19 е над 5.000 се поврзува со фактот дека е зголемен и бројот на тестови изработени на дневно ниво.
Од 20.000 тестови дневно, сега во Шпанија бројот на тестови на Ковид-19 е зголемен на 47.000.
По настанатите измени во објавувањето на податоците од страна на шпанското Министерство за здравство, имаме измени и во бројката на оздравени лица. Така, бројката од 74.797 излекувани која беше објавена вчера, денеска е намалена на 72.963.
Во Автономната Област Мадрид која е најпогодена од пандемијата на Ковид-19, во последните 24 часа се регистрирани нови 130 смртни случаи, со што вкупниот број на починати достигна 7.007. Мадрид е и област осо најголем број регистрирани лица позитивни на Ковид-19, вкупно 51.993.
По Мадрид, пандемијата на новиот тип коронавирус е најраспространета во Каталонија, со 38.316 лица позитивни на тестот на Ковид-19 и 3.752 смртни случаи.
По воведените корекции од страна на шпанското Министерство за здравство во објавувањето на информациите поврзани со Ковид-19, раководството на Автономната Област Каталонија, корекциите започна да ги спроведува врз основа на записите за смртните случаи од пред два дена.
Министерството за здравство при Владата на Автономната Област Каталонија истакнува дека бројот на смртни случаи во областа од последиците од заразеност со Ковид-19 е двојно поголем од бројките што ги објавува шпанското Министерство за здравство.
Шпанското Министерство за здравство објави дека досега во Каталонија од Ковид-19 починале 3.752 лица, додека раководството на Автономната Област Каталонија соопшти дека таа бројка изнесува 7.576.
На сличен начин, шпанското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа во Каталонија од последиците поврзани со Ковид-19 починале 131 лице, додека раководството на Каталонија истакнува дека таа бројка изнесува 479 лица.
Оваа неусогласеност во бројките меѓу Министерството и автономното раководство се отсликува и во податоците за смртните случаи во домовите за стари лица.
Податоците на раководствата на 17 автономни области во Шпанија покажуваат дека од почетокот на пандемијата досега во домовите за стари лица починале повеќе од 11.300 лица.
Според официјалните податоци на шпанското Министерство за здравство, само 52% од овие смртни случаи се предизвикани од последици на заразеност со Ковид-19.
news_share_descriptionsubscription_contact
