Ayhan Şimşek
19 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија денеска пријави над 110.000 нови случаи на коронавирусот во еден ден, што претставува нова рекордна бројка од почетокот на пандемијата пред две години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенција за контрола на болести во земјата, потврди 112.323 случаи на Ковид-19 во изминатите 24 часа и 239 смртни случаи поврзани со коронавирусот.
Бројот на луѓе кои во моментов се болни со Ковид-19, се искачи на 972.400, што е ново највисоко ниво во сегашниот петти бран на пандемијата.
Високозаразната варијанта на коронавирусот, Омикрон, е причината за новиот пораст на случаи. Според најновиот неделен извештај на Институтот „Роберт Кох“, на оваа варијанта отпаѓаат најмалку 73 отсто од новите случаи во земјата.
И покрај напливот на заразени со коронавирусот, повеќето случаи досега се со блaги симптоми и не бараат хоспитализација.
Стапката на хоспитализација во Германија вчера изнесуваше 3,17 на 100.000 жители, многу пониска од стапките во претходните бранови на пандемијата.
Бројот на пациенти со Ковид-19 на одделите за интензивна нега, според официјалните податоци, продолжува да опаѓа оваа недела.. Вчера на одделите за интензивна нега пополнети беа 2.744 кревети, а слободни беа околу 3.600 кревети.
И покрај тоа, здравствените власти предупредуваат дека Омикрон се шири значително побрзо од претходните варијанти и може да го оптовари здравствениот систем доколку бројот на случаи продолжи драстично да расте во наредните денови.
Германската Влада ја интензивира својата кампања за вакцинација и планира да аплицира бустер доза на сите кои ги исполнуваат условите за тоа со цел да го спречи ширењето на Омикрон.
Заклучно со вчерашниот ден, околу 72,8 отсто од населението е целосно вакцинирано против Ковид-19, а речиси 47,6 отсто ја примило и бустер дозата.
Експертите велат дека бустер дозите се неопходни против варијантата Омикрон, бидејќи имунитетот здобиен од претходните дози почнува да се намалува со текот на времето. Третата доза обезбедува високо ниво на заштита од оваа варијанта, според прелиминарните лабораториски студии.