Talha Yavuz
19 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
КИЕВ (АА) - Украина од Велика Британија доби системи на лесно противтенковско одбранбено оружје, како дел од меѓународната техничка помош, соопшти синоќа Министерството за одбрана на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Украинскиот заменик-министер за одбрана, Анатолиј Петренко, истакна дека оружјето ќе се користи само за одбранбени цели.
Британскиот министер за одбрана, Бен Валас, во понеделникот изјави дека Велика Британија ќе ѝ обезбеди на Украина одбранбено оружје и воена обука во пресрет на заканата од инвазија од страна на Русија.
„Донесовме одлука за снабдување на Украина со системи на лесно противтенковско одбранбено оружје“, рече Валас.
„Британски персонал ќе обезбеди обука во рана фаза за краток временски период во рамките на операцијата „Орбитал““, додаде тој.
Русија, Украина и НАТО ги засилија воените вежби по интензивирањето на тензиите во последните недели, а Киев отворено ја обвини Москва дека планира инвазија.
Руските сили влегоа на полуостровот Крим во февруари 2014 година, по што наредниот месец, претседателот Владимир Путин формално го подели регионот на два посебни федерални субјекти на Руската Федерација.
Турција и САД, како и Генералното собрание на ОН, сметаат дека анексијата е нелегална.
Според ОН, во борбите меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти во источниот украински регион Донбас биле убиени повеќе од 13.000 луѓе од 2014 година.
Регионот е еден од неколкуте извори на судири меѓу Русија и Украина.