Selen Temizer
27 Јули 2021•Ажурирај: 02 Август 2021
БРИСЕЛ (АА) - Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, соопшти дека во јули ја достигнале целта 70 проценти од возрасната популација да имаат примено барем една доза вакцина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата Лајен истакна дека 57 проценти од населението постаро од 18 години се целосно вакцинирани со двете дози од вакцините против Ковид-19.
Подвлекувајќи ја потребата за продолжување на процесот, Лајен додаде: „Варијантата Делта е многу опасна. Затоа апелирам секој што има можност да се вакцинира да го заштити сопственото здравје и на другите. ЕУ ќе продолжи да дистрибуира доволно вакцини.“
- Постојат разлики меѓу земјите членки -
Според последните податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), 84 проценти од возрасните примиле барем една доза вакцина на Малта, која има најголема стапка на вакцинација, додека во Бугарија оваа стапка останува на 18,5 проценти.
По Малта следуваат Данска со 83,7 проценти, Холандија со 83,5 проценти, Белгија со 82,7 проценти и Финска со 78,9 проценти.
Најниска стапка на вакцинација по Бугарија е забележана во Романија, 31,1 процент, Летонија 44 проценти, Хрватска 47 проценти, Словачка 47,9 проценти и Словенија 49,7 проценти.
Вакцинацијата што започна во првите денови од 2021 година во земјите на ЕУ, во првите месеци напредуваше бавно, па затоа администрацијата на ЕУ беше изложена на критики.
Менаџментот се согласи да набави дополнителни вакцини „БајоНТех-Фајзер“ поради проблемите во снабдувањето со вакцините на „АстраЗенека“.
Администрацијата на ЕУ, која на крајот на април ја соопшти целта за вакцинација на 70 проценти од возрасната популација, дистрибуираше доволно вакцини на земјите членки на почетокот на јули.
Европската агенција за лекови (ЕМА) досега ја одобри употребата на четири вакцини против коронавирусот, и тоа оние што доаѓаат од компаниите „БајоНтек-Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“. ЕМА продолжува со прелиминарните проценки на вакцините „Синовак“, „Кјурвак“, „Новавакс“, „Спутник ве“ и „Санофи Пастер“.