Ömer Tuğrul Çam
27 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
БРИСЕЛ
За една година од почетокот на процесот за масовна имунизација против Ковид-19, во земјите на Европската Унија (ЕУ) потполно се вакцинирани 67,8 отсто од популацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Масовната вакцинација во земјите на ЕУ започна на 27 декември 2020 година, а досега се аплицирани 710 милиони дози вакцини.
Податоците на Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ECDC) покажуваат дека во границите на ЕУ, која брои околу 450 милиони жители, целосно се вакцинирани околу 303 милиони луѓе.
Терминот целосно вакцинирани се користи за оние лица што примиле по две дози од вакцините одобрени во ЕУ, БајоНТек-Фајзер, Модерна и АстраЗенека и една доза од вакцината Џонсон и Џонсон.
Најмалку една доза вакцина примиле 327 милиони лица, што е околу 72,2 проценти од населението.
Бустер дозата ја примиле најмалку 104 милиони лица што живеат во границите на ЕУ, односно околу 23 отсто од популацијата.
ЕУ-членка со најмногу вакцинирани е Данска. Во Данска целосно се вакцинирани 83 отсто од населението, а по неа следуваат Португалија со 82,2, Малта со 82, Ирска со 77, Белгија со 76,1 и Шпанија со 74,9 отсто.
Меѓу земјите со најмалку вакцинирани лица се Бугарија (27,1 отсто), Романија (40,1) и Хрватска (51,7).
Во границите на ЕУ се користат пет одобрени вакцини против Ковид-19. Веќе подолго време достапни се БајоНТек-Фајзер, Модерна, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон, а од неодамна и вакцината што ја произведе Новавакс.